Зоран Заев и Никола Груевски сосема различно го толкуваат насилствата во Собранието. Во петокот бевме сведоци на нивните одвоени интервјуа (прво Заев па Груевски) на ТВ Телма.
Претседателот на СДСМ рече дека насилните групи кои влегоа во Собранието и тепаа пратеници, имале намера и план да извршат убиства. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели – да сакале ништо не ги спречувало и да го сторат тоа.
– Она што се случи во Собранието беше обид за убиство, линч, според план и умисла, почнувајќи од пробивањето низ влезот, однесувањето на толпата, посочувањето каде да се движат, координарањето со одредени структури во Собранието, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
– Јас сум сигурен дека целта беше убиство, мое и на неколку други луѓе и немам воопшто дилема. Службеното лице, полицаецот Сашо (не тој што го гледате на снимките со пиштол, тој е полицаецот Аце), ја крена значката и повика: “Ве молам отстапете, дојдовме до животот на пратениците, ве молам отстапете или ќе пукам!” Ме праша дали да пукам а јас му одобрив. Пукна еднаш во воздух. Тогаш напаѓачите малку се сепнаа, се потргнаа, но повторно навалија. Тогаш Аце пукна и вторпат, по што го стави пиштолот во футрола. Верувам дека тоа психолошки влијаеше за да застанат со убиствените намери. Нам постоано ни се закануваа дека ќе не убијат, ќе не заколат. Тие беа вооружени, на еден од напаѓачите му испадна пиштолот, па се наведна да го прибере. Ни викаа: “Го гледате Зијадин Села? Заклан е, вие сте на ред!”, раскажаво интервјуто Зоран Заев.
На прашањето дали знае кои се лицата кои брутално тепаа пратеници и новинари, тој вели дека тоа истрагите ќе го откријат.
– Јас лично ги познавам кои се тие кои со жар и крв во очите бараа одземање на животите. Дел беа полицајци, дел се бандити. Никој нема да остане трајно скриен зад својата маска. Насилството врз новинарите и врз легитимно избраните претставници од граѓаните е поттикнато од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски, Митко Чавков и група нивни соработници кои ги погодува трансферот на власта, кој носи правда и одговорност, рече Заев.
– Направивме голем чекор, избравме нов претседател и следните чекори ќе бидат кон нова реформска влада. Изборот на Талат Џафери е законски, според Устав и Деловник. Насилството што се случи не е демократска вредност. Им беше потребно за да ги зачуваат своите интереси да ги погазат граѓанските и државните. Тоа не е резултат на поединци, туку на остатоци од еден режим во распаѓање и насилство врз Уставот и демократијата. Насилството во Собранието беше тест. Во следниот период мора да покажеме дека сме зрели како луѓе и држава и со совест да застанеме зад вистинските вредности и да ги одбраниме и да не подлегнеме на шпекулации кои носат раздор, изјави Заев.
Тој децидно одбива било каква лидерска средба кај претседателот Ѓорге Иванов, или било какви преговори со Никола Груевски.
– Некаде до средината на мај ќе имаме и нова Влада. Деновиве претседателот на Собранието Талат Џафери ќе му испрати писмо на Иванов за оформеното парламентарно мнозинство, а тој има 10 дена уставен рок да го даде мандатот. Потоа, според закон, во Собранието може само три дена да се расправа за новата Влада и се гласа, заклучи Заев.
Веднаш по ова интервју, следеше интервју со Никола Груевски кој на прашањето зошто полицијата не делуваше доволно цврсто за да ги спречи нападите, ја прераскажа изјавата на Митко Чавков од МВР – дека “посилна полициска интервенција би довела до жртви”.
– Смешна е изјавата на Зоран Заев дека сакале да го убијат. Ако сакаше некој да го убие таму – ќе го убиеше. Со толку многу револтирани луѓе на 3 или пет метри од него, ако навистина била намерата да го убијат – ќе изваделе пиштол и ќе го убиеле. Сигурен сум дека немало аква намера, ами се работело за еуфорија од револт, изјави Никола Груевски.
– Јас во мојата првична изјава го осудив насилството во Собранието на Република Македонија и сметам дека тоа беше испровоцирано за да се стави во сенка незаконското бирање на претседател на Собранието. Уште еднаш го осудувам насилството направено од поединци. Јас никогаш не сум поддржувал насилство и не ни помислувам на власт да дојдам или да останам со насилство. Никогаш не сум повикувал на насилство, ами сум повикувал на изразување на мирен револт. Чија реторика ја разгоре масата? Ајде да не зборувам, човекот е во болница (Зијадин Села – н.з.). Но, тој човек зборуваше дека Македонците немаат корен и сл. Тензијата не ја крена ВМРО-ДПМНЕ, ништо лошо не сме кажале за Албанците и тврдиме дека ништо добро нема да им донесе платформата на Албанците. Ние сме на страната на сиот албански народ кој сака да живее во нашата земја, а не во некоја друга. Верувам дека институциите ќе направат брза и ефикасна истрага, ќе ги откријат виновниците, па по обезбедувањето на докази ќе ги изведат пред суд оние кои нанесоа повреди на пратениците, граѓаните и полицајците, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика да не се ставаат во ист кош граѓаните кои што, како што кажа, мирно протестираат со оние поединци кои што направија насилство и ги поздрави пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои што несебично помагале на нападнатите пратеници.
– Провокациите кон ВМРО-ДПМНЕ и кон македонскиот народ се директен причинител за оваа ескалација. Начинот на кој што се обидоа да изберат претседател на Собранието е незаконски, противуставен и вон собранискиот Деловник. Кажете ми според кој член од Деловникот е направен изборот? Раководството на СДСМ и другите партии го знаат тоа и тие свесно одлучија да ги прекршат законските норми за што ќе сносат одговорност, рече Груевски.
Тој најави дека во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави следните чекори на партијата и кажа дека ќе останеле на страната на народот, Уставот и националните интереси на државата. Ги повика граѓаните да останат присебни, да не наседнуваат на провокации, а политичарите ги повика да не превземаат дејствија со кои што се влошуваат меѓуетничките тензии.