Премиерот Зоран Заев, на чело на владина делегција, учествуваше на Виенскиот економски форум каде оствари серија средби со претставници на неколку реномирани компании од Република Австрија коишто веќе имаат свои претставништва во Македонија, но и со една фармацевтска куќа заинтересирана за инвестирање во Македонија.
– Економскиот Виенски форум е пријател на нашата земја. Ја искористивме можноста да си ја презентираме татковината и сите потенцијали за привлекување на странски инвестиции во нашата земја. Знаете дека оваа година ја прогласивме за економска година и од тој аспект сме посветени таму кадешто ги доловуваме сите потенцијали и можности да има макар и идеја за инвестирање во нашата земја, во делот на индустријата и во делот на услугите, веднаш го правиме тоа, рече премиерот Заев.
– Одвоено од ова во Виена имав билатерална средба со комесарот Јоханес Хан за очекувањата ова лето, јуни – јули, да ја чуеме конечната одлука на Европската унија за добивање на датум за преговорите. Хан е оптимист, јас сум оптимист. Секако знаеме дека треба да завршат изборите за Европскиот парламент, за да може уште појасно да ги знаеме ставовите на Франција и на Холандија. Канцеларката Меркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската Комисија и од Европската Унија преку земјите членки за добивањето на датумот за преговори, рече Заев.