Заев оваа седмица ќе разговара со партнерите

Ќе се знаат наследниците на Мерко и Таравари, како и дали ќе има проширување на коалицијата

По локалните избори во Владата останаа две испразнети министерски места: едно е на Арбен Таравари, министерот за здравство кој стана нов градоначалник на Гостивар и другото место е на Рамиз Мерко, новиот градоначалник на Струга а поранешен министер без ресор, одговорен за странски инвестиции.
Премиерот Зоран Заев минатата седмица изјави дека по локалните избори оставил период “да се оладат главите” на сите коалициони партнери а дека оваа недела ќе се одржат состаноци во духот на проширување на парламентарното мнозинство, со сите партии и независни пратеници кои се подготвени да бидат дел од мнозинството за големите промени. Премиерот Заев кажа дека досега не разговарал со ниедна од политичките партии за евентуално влегување или излегување од Владата, како и за пополнување на испразнетите министерски, заменички и директорски места по локалните избори.
„Очекувам овие денови прашината да легне. Сега имаме малку подзапалени политички глави во нашата држава. Се надевам во мирна атмосфера да ги отвориме процесите како понатаму заради тоа што имаме неколку испразнети места во Владата, министри, заменик-министер, неколку директори…”, кажа Заев.
На прашањето дали ќе продолжи коалицијата со Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села, Заев рече дека тоа не зависи само од него, туку и од Села, но и од другите коалициски партнери. Тој, исто така, изјави дека досега со Мендух Тачи нема разговарано за евентуално влегување на ДПА во владината коалиција. Непознато е и дали и ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски официјално ќе стане дел од владејачката коалиција.
Гласините за заминување на Алијанса за Албанците од владата се зголемија по првиот круг од локалните избори, кога партијата на Села, која е дел од извршната власт направи коалиција со опозиционото Движење БЕСА, а заедно беа во неформална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Од Алијансата за Албанците велат дека остануваат дел од реформската влада и дека нема да го напуштат парламентарното мнозинство се до остварување на ветувањата што ги дадоа на своите гласачи за време на кампањата, а тоа е членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој не успеа пак да стане градоначалник на Струга во натпревар со Рамиз Мерко, искажа крајно незадоволство поради тоа што СДСМ директно ги поддржа кандидатите за градоначалници на ДУИ на локалните избори. Од друга страна, пак, Арбен Таравари од Алијансата го победи доскорешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта од ДУИ и му го презема местото.
Од Алијансата за Албанците предупредуваат дека ако ДПА влезе во владината коалиција тие веднаш го напуштаат друштвото од власта.

Останати вести