Заев понуди прочка за 27 април и помирување, опозицијата се нечка за гласовите

Бројот на пријавени говорници изнесува повеќе од 60, што навестува дека седницата би можела да трае и неколку дена

Пленарната сала на Собранието на Република Македонија во понеделникот беше полна како ретко кога. Речиси сите пратеници седнаа на своите места, а ложата беше претесна за сите новинари и претставници на дипломатскиот кор во земјата. На дневен ред пред пратениците е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за негово изменување и дополнување поднесен од Владата.
Премиерот Зоран Заев го образложи Предлогот на Владата. Тој на опозицијата и понуди простување и помирување на настаните од 27 април 2017 во замена за гласање за уставните измени со кои треба да се усвои Преспанскиот договор.
Иако не го употреби терминот “амнестија”, Заев во неколку наврати повторуваше дека нуди „помирување и простување”.
– Ова е одлична прилика, застанувајќи заедно за Македонија и за иднината на Македонија, да си простиме и да се помириме. Испраќам порака за помирување и простување за 27 април и настаните што се случија. Ги повикувам пратениците од левата страна да подадат рака кон пратениците од десната страна, и обратно.
Знам дека тоа има цена и подготвен сум да ја платам таа политичка цена. Политичари доаѓаат и заминуваат но Македонија и народот опстануваат засекогаш. Нема друг начин да се помири народот ако ние овде не се помириме, кажа премиерот Заев од собраниската говорница.
Неговиот настап ги збуни пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие беа подготвени со други аргументи да се спротивстават на уставните промени.

Дали Собранието има легитимитет за промена на името?

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара точката за отворање на Уставот да се симне од дневниот ред затоа што, како што рече, Собранието нема легитимитет ниту изборен ниту референдумски да влезе во процедура на уставни измени.
– При составот на ова Собрание ниту една политичка партија или пратеник не дале ветување за промена на Уставот со цел промена на уставното име. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ напиша во предизборната кампања дека нема да го дозволи тоа, а Коалицијата на СДСМ вети дека нема да има промена на Уставот. Ова Собрание нема изборен легитимитет да влезе во ова процедура. За промена на Уставот не постои консултатенивен референдум, а и покрај тоа одлуката донесена на референдумот е заодолжителна – рече Димовски.
Сепак за неговиот предлог да се симне точката од дневен ред гласаа само 39 пратеници „за”, додека 67 пратеници беа против, со што предлогот не беше изгласан.
Дневниот ред, пак, беше изгласан со 71 пратеници „за” и 40 пратеници против со што почна собраниската расправа.
Горан Мисовски, од редовите на НСДП, истакна дека постојат две можни сценарија – прифаќање на договорот од Преспа, што, според него, ќе овозможи влез во ЕУ и во НАТО со гарантиран идентитет или, пак, предвремени парламентарни избори.
– Анкетите ги имате и вие и ние и знаете дека коалицијата на СДСМ ќе победи на тие избори. Ама желбата на Мицковски е да ве замени вас и да постави во пратеничката група негови колеги и пријатели – рече Мисовски.
Тој порача дека повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, претставува квазипатриотизам и повик, како што рече, дека треба да јадеме корења.
– Јас не го сакам тоа, туку сакам да ја видам Македонија во друштво на најразвиените и најбогатите држави – истакна пратеникот од НСДП.
Томислав Тунтев, координаторот на пратеничката група на СДСМ, истакна дека ретко на која генерација може да ѝ се случи да биде сведок на моменти што ја менуваат историјата.
– Ова е моментот за кој чекавме 27 години. За среќа или за несреќа, ние сме таа генерација на пратеници, кои можеме да ги оствариме надежта, желбите на генерација пратеници – рече тој.
Пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој одлучи да се обрати на македонски јазик на опозицијата ѝ порача да не се крие зад народот и да не мисли на следните избори.
– Предизвикајте ги голиот популизам и незнаењето и застанете на правилната и прогресивната страна – повика Груби.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, повтори дека нема да гласа за промена на Уставот.
– Јас не сум експерт по меѓународно и уставно право, но од разговори со нив јасно е дека овој договор е штетен по македонските национални интереси. Точно е дека договорот ги отвора вратите кон НАТО и обезбедува извесна иднина за влез во ЕУ. И на ниеден начин не сакав да влијаам врз одлуката на граѓаните на референдумот, бидејќи тоа беше прашање за граѓаните и нивните семејства и идните генерации. Но, овој референдум и ДИК го прогласи за неуспешен и како пратеник што дал заклетва дека ќе го штити Уставот немам ни можност ни волја да гласам против граѓаните – рече Данев.
Тој му забележа на премиерот Заев дека нетранспарентно го водел процесот на договарање со Грција, без консултации со опозицијата со што се пропуштила можност за евентуален национален консензус.
– Овој процес не треба да заврши со предавници и патриоти, туку со почитување на Уставот и волјата на граѓаните – рече Данев.
Потпретседателот на Собранието, Весел Мемеди, ги повика пратениците да дадат поддршка за договорот со Грција и за уставните измени и рече дека е невозможно да се постигне подобар договор, што беше потврдено и од изјавите на меѓународните претставници.
– Македонија многу доцни, три децении не може да реши едно прашање, кое е од животна важност. За тоа плаќа голема цена, а со натамошното пролонгирање цената ќе биде уште поголема. Тоа го сакаат деструктивните сили, кои шират лаги, клевети, сакаат анархија и не ѝ мислат добро на државата и сакаат анархија. За нив ниеден договор никогаш нема да биде доволно добар зашто ќе им ја скрати можноста за натамошно деструктивно функционирање и за остварување на личните интереси – истакна Мемеди.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, им порача на пратениците на СДСМ да не го ставаат во заблуда народот.
– Доста ги манипулирате граѓаните дека се менува референцата БЈРМ, кажете дека се менува името Република Македонија во Република Северна Македонија. За да има светла иднина оваа држава треба да седнете и да сработите нешто. Доста го плашите народот дека е крај на светот ако не помине договорот – рече Илиоски.
Бројот на пријавени говорници изнесува повеќе од 60, што навестува дека седницата би можела да трае и неколку дена.

Останати вести