Судот одлучи за следното рочиште Заев стражарно да биде приведен

Зоран Заев на следното рочиште за случајот “Пуч” ќе биде донесен со полиција, објави судијката Љубинка Башевска по петтото одложување на рочиште за овој предмет. 

“Не ја сакав оваа ситу­ација , но очигледно е дека господинот Заев ме тера тоа да го направам. Тој си игра мајтап со Судот. Со неговото недоаѓање, покажува и непочитување на обвинителот. Затоа ќе издадам наредба за следното судење господинот Заев да биде стражарно приведен”, рече судијката.
Адвокатскиот тим на Зев на ова реагираше со образложение дека за сите отсуства, нивниот клиент има писмен доказ дека бил службено отсутен. И покрај тоа што адвокатите потврдуваа дека Заев ќе дојде на следното судење кога, според нив, случајот ќе го преземе специјалната обвинителка, наредбата за стражарно приведување остана во записник. За ова судење, одбраната до Судот достави фотокопија од електронска авионска карта за службено патување на Заев на релација Скопје – Цирих – Барселона – Палма де Мајорка.
Кога беше покрената истага за “Пуч” на Заев му беше одземен пасошот, но потоа му беше вратен и беше ослободен од обврска да се јавува секој понеделник во судот во Струмица.
На почетокот на петочното рочиште до судот реагираше обвинетиот Зоран Верушевски, бидејќи затворот му запленил семејни фотографии добиени во пакет со храна испратен од семејството.
Затворот фотографиите ги предал на судот, а судијката тврдеше дека наводно биле нелегално внесени во затворот. На фотографиите се неговите внуци но имало и една со Зоран Заев.
Судијката пред сите го испрашуваше Верушевски зошто му е фотографијата со Заев во затворот, на што тој кусо одговори: “А зошто да не?”. Ова е прв пат затворот и судот да запленуваат наводно “нелегално внесни фотографии”, кои според затворските правила и куќниот ред не се забранети за затворениците.
Во судскиот процес “Пуч”, заедно со лидерот на СДСМ им се суди на Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, на Бранко Палифров, службеник во Општина Струмица и Ѓорѓи Лазаревски, вработен во МВР.

Останати вести