Зоран Заев во саботата беше реизбран за претседател на СДСМ на 22 Конгрес на оваа партија. Од 723 делегати, гласаа 643, а подршка му дадоа 597 делегати. Конгресот траеше повеќе од шест часа. Избрани се и членови на Централниот и Надзорниот одбор.
Старо-новиот претседател на СДСМ се заблагодари на огромната поддршка од делегатите и уште еднаш посочи дека Македонија ќе биде унитарна и демократска држава.
„Ќе работиме темелно, ќе работиме посветено и ќе обезбедиме општество на среќни луѓе, на насмеани граѓани и на спокојни семејства. Тоа ќе биде општество на вредности, општество на еднакви шанси. Тоа ќе биде унитарна држава којашто достоинствено чекори по патот на прогресот и развојот, водејки се од демократските вредности и од човековите слободи и права. Тоа е патот до Европската унија и НАТО, таму каде што ни е местото, меѓу граѓаните и државите од демократскиот цивилизиран свет” – изјави Зоран Заев и повика да нема реваншизам, но нема да се работи како што досега работеше ВМРО-ДПМНЕ.
За заменик-претседател беше реизбрана Радмила Шеќеринска.
„Нашата цел е позната, јасна, тешка и возможна, а тоа е да ги заборавиме изгубените 11 години и Македонија да ја вратиме и на патеката за членство во Европската Унија и на патеката за членство во НАТО” – рече Шеќеринска.
На 22 Конгрес на СДСМ дојде и поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој беше пречекан од Заев, се изгушкаа а Црвенковски му ја честиташе идната премиерска функција. Присуствуваа и претставници на коалиционите партии од парламентарното мнозинство – БЕСА и ДУИ, од вонпарламентарните партии од десницата – Обединети за Македонија, ВМРО-Народна партија и Достоинство, а гости беа европратеници и претставници на европските сестрински партии на СДСМ.
