Шефот на македонската влада, Зоран Заев има биографија каква повеќето политичари, не само од Балканот, можат само да сонуваат, пишува српски “Курир”.
Во исповед за овој медиум Заев објаснува како го поминал патот од продавач на лубеници до најважната позиција во државата, како го заработил првиот милион и зошто понекогаш сака да избега од сите на мотор.
– Моето име потекнува од Србија, мојата младост е врзана за Србија, се што сме правеле, целиот наш семеен капитал е поврзан со Србија. Првата девојка ја имав во Горњи Милановац. Преубавата Јелена. Ја запознав едно лето додека продавав лубеници, пиперки, домати и краставици во тоа место. Првиот екстра профит го заработив продавајќи прашок за алишта од Србија, а првите милиони кога во Србија ја продадов сувата пиперка.
Роден сум во Струмица на 8 октомври 1974 година од татко Панче и мајка Трајанка, Името го добив по еден Зоран од Горњи Милановац. Тој бил добар другар на мојот чичко Душко, па името ми го дале по него – раскажува за “Курир” Заев.
Тој понатаму вели дека до неговата четврта година живееле во селото Муртино, а потоа се преселиле во Струмица и дека целото негово семејство и родителите и неговиот брат Вице многу работеле земјоделство.
Секое струмичко село имало по еден град во Србија, каде традиционално се продавале струмичките земјоделски производи. Муртино било доминантно во Горњи Милановац.
– Некои 5-6 лета одев со дедо и чичковците, а некогаш и сам одев на тој пазар. Убави пари заработивме. Од три месеци работа на пазарот во Горњи Милановац – јуни, јули, август – подигнавме четирикатна куќа. Тогаш вредеа и работата и парите. Сето наше богатство тргна од земјоделството. Во тоа време до Горњи Милановац се патуваше и повеќе од десет часа. Во камион, под церада, продуктите и ти. Ама проблем беа камионите со лубеници. На лубениците не можеш ни да седиш, ни да лежиш. Кога беа доматите и краставиците, беше океј, бидејќи меѓу гајбите можеш да ставиш нешто и да седиш и да спиеш. Тогаш не се качуваш кај камионите со лубенициите, туку чекаш да натоварат краставици и домати, па се качуваш и одиш. Тоа никако не можам да го заборавам, вели Заев.
– Првата голема заработувачка 2.4 милиони марки е од црвени пиперки кој го сушевме во Струмица и му го дадовме на “Хоргош” за производство на сушен црвен пипер. Во Суботица во 2001 година преговаравме за цената, квалитетот, стандардите. И падна договор а профитот беше 2.4 милиони марки. Со тие пари купивме циглана… И син ми и ќерка ми знаат дека капиталот е создаден од пазарот во Горњи Милановац и од српските фабрики. И сега нека ми каже некој српски политичар дека Заев има резерви кон Србија, истакнува тој.
Таму ја запознал и првата љубов.
– Пазарот работеше до 4-5. И веќе од 6 ние младите одевеме во кафана. Таму ја запознав Јелена, мојота прва љубов. Исто годиште сме. Доаѓаше после и кај нас на пазар. Тоа траеше барем 2.5 години. Секое лето бев во Горњи Милановац, а помеѓу летата тие 1989/90 години беше тешко да се одржува врска. Таа имаше фиксен телефон, ама кај што живеев јас немаше телефон. За среќа, имаше телефонски говорници. Еднаш дојде и во Струмица. И моите и нејзините сфатија дека се работи за детска љубов, дека повеќе сме како другари. И тогаш далечината го стори своето. Веќе во 1993 година се запишав на факултет во Скопје и се свртев кон студентските обврски. Знам дека таа живее и работи во Белград, дека има семејство, деца. Случајно тоа го слушнав пред 5-6 години. Ама тоа е прва љубов, не се заборава, се исповеда Заев во интервјуто за српски “Курир”.