Заев сведочеше на суд: Пред објавата на „бомбите“ имав 4 средби со Груевски, му раскажав прислушувани телефонски разговори

Премиерот Зоран Заев се појави како сведок во Кривичниот суд по предметот „Таргет и Тврдина” (за масовното нелегално прислушување во УБК).

Тој во своето сведочење повеќе пати зборуваше за улогата на екс-премиерот Никола Груевски, но интересно што ниту еднаш не го спомена името на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој е еден од обвинетите.
На прашањето на обвинителот Трајче Пеливанов, кога прв пат слушнал за нелегалното прислушување, премиерот рече:
– Прв пат слушнав кога станав претседател на СДСМ во 2013 година и за прв пат тогаш и увидов, одговори Заев.
Тој појасни дека во тој период одговорен за безбедносните прашања во СДСМ бил професорот д-р Зоран Верушевски, а комисијата имала од три до пет членови, за кои рече дека не се сеќавал кои точно биле.
– По примопредавањето на функцијата, како нов партиски лидер одржав состаноци со сите шефови во партијата. Така претседателот на комисијата за безбедност Верушевски ме запозна со целосниот делокруг на работата на таа комисија, а еден дел беше прибавување на информации од безбедносен карактер за потребите на партијата.
Партијата преку комисијата располагаше со документи, материјали од типот на незаконско следење на комуникациите. Документите и материјалите беа и во пишана форма и како аудио, рече Заев, кој додаде дека таквиот тип на информации се достапни на лидерот на партијата, а тој одлучувал со кого ќе ги сподели.
На прашањето дали бил запознаен како материјалите стигнале во СДСМ, тој одговори:
– Да, Верушевски ме запозна по кој пат комисијата ги добила на располагање таквиот тип на материјали и документи.
Потоа обвинителот го праша сведокот дали ги познава Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски?
– Денеска ги познавам, но во тој период кога бев запознат со документите и материјалите од Верушевски не ги познавав ниту Костовски ниту Лазаревски, рече Заев, кој додаде дека не знаел дека материјалите стигнале преку нив.
Тој појасни дека Верушевски го информирал оти документите доаѓаат од институциите на државата, а во тоа можел и самиот да се увери.
– Од материјалите увидов дека се прави масовно незаконско прислушување без судски налог. Според моја проценка обемот бил повеќе од 20.000 граѓани, од кои дел биле директно прислушувани. Најзастапена беше опозицијата и највисоките претставници на СДСМ, обем кој отскокнува од другите. По опозицијата беа новинарите, како и експерти, меѓу кои и универзитетски професори. На исто ниво беа и претставници на невладини организации, но и деловни луѓе, високи претставници на верски заедници и неколку телефонски броеви од високи претставници од тогашната власт. Она што морам да го издвојам дека на прислушкувања биле ставени и високи претставници на сите албански политички партии, рече сведокот.
Дали вие се најдовте во тие прислушувани разговори, праша обвинителот?
– Да, веднаш зад претходниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенкоски. Бев прислушуван на двата телефонски броја кои тогаш ги користев. Според материјалите прислушувањето се вршело од период во 2008 до почетокот на 2014 година, рече Заев.
Тој појасни и како знаел дека материјалите биле изработени во УБК.
– Аналитиката која се правела до врвот на политиката во тоа време, а тоа е тогашниот премиер Никола Груевски и другите податоци недвосмислено укажуваше дека доаѓаат од МВР, односно УБК. Како биле доставени материјалите со нив имаше и материјали од кои се гледаше дека МВР воспоставило и посебни истражни мерки. Еден дел од моите разговори произлегуваа од воспоставување на посебни истражни мерки и врз мене како градоначалник и претседател на СДСМ. Односно мал дел од разговорите беа обезбедени со ПИ-Мерки, а поголемиот дел нелегално, рече премиерот.
Тој ја потврди автентичноста на „бомбите”, односно на неговите разговори, потсетувајќи дека тој самиот објавил разговор од него и неговата тогашна малолетна ќерка.
– Не дозволивме да излезе ниту еден разговор од приватна природа, туку оние кои укажуваа на кршење на законот, рече сведокот.
Тој дополни дека поседувале преку еден милион различни комуникации, односно разговори. Заев кажа дека бомбите биле заклучени во простории на СДСМ, со процедури и стандарди, а пристап имале само тој и Зоран Верушевски.

Кој друг може да има прислушкувани материјали?
Заев одговараше и на прашање дали имале пауза во дотур на прислушуван материјал од УБК, кој тајно се носел во СДСМ. Кажа дека СДСМ има само третина од прислушуваните разговори, а другите две третини фалат. Додаде дека имало дисконтинуитет, бидејќи немало прилив секој ден.
На прашање на судијата Владимир Туфегџиќ дали ги препознава бомбите што сега преку Ел Чека протекуваат во јавноста дека се од СДСМ, Заев одговори:
– Не го разбирам во целост албанскиот јазик и не сум запазил сè во целост. Јас селектирав, но не преслушав сè. Ова што се објавува сега, чекам медиумите првин да преведат, па да разберам за што се збори. Не можам да ги препознаам дали се ова бомбите што јас сум ги слушал додека беа во посед на СДСМ.

Груевски се шегуваше кога му кажав дека ги имаме материјалите, ама се зафркна што не ме затвори
– Информацијата дека поседувам вакви материјали ја споделив со тогашниот премиер и неколкумина стручни лица во Обвинителството во кои верував. Но, само дека ги поседувам. Откако обвинителите не можеа да гарантираат дека материјалите ќе бидат процесирани, Груевски на средбите се шегуваше дека тоа не може да биде точно, дека поседуваме ваков тип на материјали. Одлучи тој, строго под негова контрола врз Јавното обвинителство кое е независен орган, да ги збрише имателите на таквите материјали. За мене одлучи само да ми го земе пасошот, да не ме притвори како Верушевски и другите во ‘Пуч’. Така, јас добив можност да ги објавам бомбите. По укажување на луѓе од Обвинителството, одлучив на 9 февруари 2015 да ги споделам со јавноста со што ќе го натераат општествениот систем соодветно да се позиционира, рече сведокот Заев.
Обвинителот Пеливанов го праша сведокот колку пати во тој период се сретнал со Груевски?
– Пред објавувањето на „бомбите” имав четири состаноци со Груевски во неговиот кабинет. Му предочив дел од тие материјали во наративна форма, поточно му ја раскажав содржината на неколку разговори, со цел да му докажам дека поседуваме такви разговори. Еден од разговорите беше како тој тајно купува плац на Водно, рече Заев, кој додаде дека Груевски потоа му побарал аудио или транскрипт од разговорите, но дека не му дал.
Досега како сведоци во предметот беа сослушани инженерите во поранешното УБК, Ѓорѓи Лазаревски, Звонко Костовски, Сашо Трајковски и поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски.
Обвинети се 12 лица, меѓу кои поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои избегаа во Грција, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, тогашнииот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.
Обвинетата Елена Џиланова призна вина и доби условна казна затвор. Првото рочиште за предметот се одржа на 22 декември 2017 година.
Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Останати вести