Заев верува дека Пендаровски и Радев во Рим ќе поттикнат решение за бугарското вето

Заев длабоко се поклони пред светите браќа Кирил и Методиј

Претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, на 26 и 27 мај заеднички ќе оддадат почит на делото на свети Кирил и Методиј во Рим, а премиерот Зоран Заев верува дека европскиот дух на тој гест ќе даде поттик за решение во спорот со Бугарија поради кој се блокирани пристапните преговори со Европската Унија.

Заев рече дека рече овој спор ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан.
– Верувам дека и европскиот дух на претседателите Радев и Пендаровски ќе биде поттик да направиме исчекор да продолжиме понатаму и секако низ патната карта да успееме да го забрзаме и ефектираме она она што претставува спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, рече Заев.
Тој ја предводеше владината делегација за оддавање почит на споменикот на светите сесловенски посветители во универзитетскиот кампус што го носи нивното име во Скопје.
Пендаровски претходно рече дека заедничката посета во Рим е еден добар симболичен гест од двете страни, кој може да ја олабави атмосферата во пресрет на преговорите меѓу двете земји поради бугарската блокада за почеток на пристапните преговори за Македонија за влез во ЕУ.
Светите Кирил и Методиј денес се патрони на Европа
Во честитката до МПЦ-ОА и до македонските народ премиерот Заев вели:
“На 24 мај го одбележуваме епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј, благодарение на кое македонскиот народ, но и останатите словенски народи самоуверено зачекорија на светската цивилизациска сцена. Во темелот на овој исклучително значаен цивилизациски процес е создавањето на првата словенска азбука – глаголицата, од која подоцна нивните следбеници ќе ја создадат кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.
Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени, а во тој дух на отвореност денес оддаваме почит на нивното дело заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивното дело и наследство и ја слават со достоинство и чест.
За извонредното значење на мисијата на светите браќа говори фактот што денес тие се патрони на Европа, признание дадено од Ватикан, со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, чие културолошко мото е – единствени во различноста.”

Останати вести