Иако се зборуваше дека преговорите за името се во ќорсокак и дека пропаднале, сепак во понеделникот заѕвони телефонот на релација Скопје-Атина.
Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас разговарале цел еден час (од 15 до 16 часот). Следниот ден, во вторникот, беше најавено да се случи нивното конечно договарање по телефон, по што, како што претходно беше планирано, ќе уследи нивната заедничка средба во Мала Преспа за потишување на договорот.
Премиерот Заев во понеделникот вечерта гостуваше на Телевизија “Телма” во дебатна емисија каде одговараше и на прашања на присутните. Изјави дека очекува многу брзо ќе биде постигнато конечното решение за спорот и дека тоа би можело да се случи пред Самитот на ЕУ закажан од 25 и 29 јуни.
Тоа, рече Заев, би бил договор најпрвин меѓу премиерите, па меѓу министрите за надворешни работи, а дури потоа ќе бидат информирани претседателот на државата, шефот на опозицијата, другите политички лидери и граѓаните. Конечната одлука ќе биде донесена на референдум. Тој негираше дека процесот се одолговлекува поради дополнителни барања од грчката страна.
Враќање на фрустрациите, радикализмот, квазипатриотизмот, национализмот, се последиците од евентуалното отфрлање на договорот со Грција на референдумот што ќе се одржи во Македонија, рече премиерот Зоран Заев во вечерашната дебата на „Топ тема”.
– Сето тоа не ни треба. Ние градиме граѓанско, мултиетничко општество. Македонија да има перспектива, да биде како што велам „запишана во катастар со имотен лист” како секоја нормална земја, со перспектива како членка на НАТО, на ЕУ. Тоа ќе биде поттик и за реформите и за унапредување на животот на граѓаните. Не сакам и да помислам што ќе се случи ако не успее. Мора да гледаме напред и убеден сум дека оваа шанса нема да ја испуштиме како граѓани на Македонија. Оваа исторска шанса обезбедува само добри перспективи за Македонија, го зајакнува идентитетот, не прави фактор да седиме заедно со сите земји, а тоа се големи работи. Верувам дека граѓаните ќе го сфатат тоа, рече Заев.
Тој не стравува од незадоволство по објавувањето на договорот.
– Граѓаните ќе ги имаат на увид сите аргументи, сите фактори ќе го кажат својот став. Но, можно е се, може да заврши мојата политичка кариера. Носам одлуки, ќе го соопштам мојот став и ќе чекорам согласно договореното, а потоа следува референдум. Веројатно влегувам во една магла како политичар, а заедно со мене и оваа Влада и ова мнозинство. Од маглата можеме да излеземе длабоко во морето и да се удавиме политички, но може да излеземе и на некоја зелена полјана. Тоа се опциите за мене, за Владата, за мнозинството. Македонија ќе излезе на автопат, ќе чекори напред и само тоа е важно, изјави Заев.
Опозицијата и претседателот да не го опструираат договорот
Премиерот Заев ги повика ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на државата Ѓорге Иванов да не го опструира евентуалниот договор со Грција.
– Ако има договор, тој ќе биде објавен со сите детали и на тој начин граѓаните ќе можат да формираат свое мислење. Сега граѓаните го формираат мислењето врз основа на она што го знаат. Мене ми е значајно, граѓаните кога ќе ги видат сите детали да знаат дека договорот е фер и го јакне нашиот идентитет. Ги повикувам опозицијата и претседателот, ако сме за НАТО и ЕУ чесно е да кажеме дека тоа е можно само со решавање на ова прашање. Јас ќе ја преземам одговорноста. Тие може да кажат дека за да не ги попречуваат ЕУ и НАТО интеграциите не сакаат да прават опстурукции. Ова е прашање на кое ќе видиме кој е навистина за НАТО и ЕУ. Ако сите сме за тоа, миграцијата не сопира дури и при промена на власта. Веројатно е ризикот и тој, политички да завршам. Но, ако и ги отвориме перспективите на Македонија, младите да не се иселуваат ами да остануваат дома – тогаш тоа вреди, рече Заев.
Ако Грција изврдува, се се враќа назад
Прашан дали има гаранции од Грција и меѓунардната заедница дека договореното ќе се спроведе, Заев рече дека тоа е предвидено во договорот. Но, ако нешто се случи и не се спроведе, застанува се и може да се врати назад, но не размислуваме во тој правец.
– Од Грција очекуваме помош и поддршка, како што сега е примерот со Бугарија. Очекуваме со Грција да станеме стратешки партнер, рече Заев.
За евентуалните предвремени избори заедно со референдумот, премиерот истакна дека тоа не го планира, но, како што наведе, ќе зависи и од многу други фактори. Заев се залага изборите да одржат во редовниот термин, а предвремени избори, според него, би биле изгубено време за Македонија.