Заев за “Шпигел“ и “Еуроњуз“: Нема да ги менуваме етничкиот идентитет и Уставoт!

Грција треба да се задоволи со име за надворешна употреба, ама и тоа мора да има превод а не да биде слеано и само на македонски јазик. Досега верувам дека сите се уверија дека нема никаков иредентизам од наша страна, категорично изјавува премиерот Заев.

Премиерот Зоран Заев деновиве даде две интервјуа на странски медиуми во кои ја претстави македонската позиција во преоговорите со Грција.
Во интервју за германскиот неделник “Шпигел” го отфрли барањето на грчката страна, компромисното решение за името да не може да се преведува на други јазици и да се користи во оригинална транскрипција.
– Не гледам тука никаков рационален аргумент. Не ми е јасно како тоа би се применило во праксата воопшто да не се преведува името. Треба ли да ја присилиме канцеларката Меркел или претседателот Трамп да кажат Северна Македонија ( North Macedonia). Tоа би било меѓународен преседан, вели Заев.
Во интервјуто за овој влијателен политички магазин, премиерот Заев исто така го коментираше барањето на Грција за промена на Уставот. Тој смета дека најдобра гаранција за грчката страна е да се потпише договор за надминување на спорот што ќе ја има силата на меѓународните договори.
– Тоа име е наша гордост, наш идентитет. Не гледам причина за менување на Уставот, тоа не би било добро за нашето достоинство. На Грција и требаме како партнери, но не партнери без достоинство. Уставот може да се промени, па потоа таа промена некоја идна влада што ќе дојде пак да ја врати, така што тоа не е решение. Најважно за Грција е да има гаранција за решението која ќе биде валидна. Тоа е силата на меѓународните договори кој се ратификуваат и така стануваат валидни меѓународно, вели Заев.
Во интервјуто премиерот Заев, исто така, најави дека ќе биде формирана заедничка комисија која ќе работи на преиспитување на содржините во историските читанки.
– Ќе работиме во рамки на заедничка комисија за преиспитување на содржините во историските учебници, вели Заев.
Заев за “Шпигел” вели дека не сака ниту да замисли дека нема да биде најдено решение за овој спор.
– Не ни помислувам на можноста да немаме решение. Нашта земја има централна позиција во регионот. Ние сме мултиетничко општество од каде нестабилноста може да влијае врз целиот регион. Ние мора да го решиме проблемот и да се интегрираме во ЕУ, а со тоа да станеме и просперитетно општество. Тоа е добро за целиот регион. Неуспехот е незамислив за Македонија , за целиот Западен Балкан па и за ЕУ , изјави премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот “Шпигел”.
Дека нема потреба да се смени Уставот повтори Заев и во интервју за “Еуроњуз” направено од грчка новинарка.
Уставот е домашна книга и нема последници надвор од земјата, вели македонскиот премиер Зоран Заев.
– Направивме ревизија на нашиот Устав во 1993 година поради чувствата на нашите пријатели Грците. Сакаа да бидат повеќе покриени, да се чувствуваат поудобно и така направивме и втора ревизија на нашиот Устав, за да преземеме мерки против иредентизам и било што друго слично. Сите чекори што ги направивме досега, се во насока на целосно отстранување на иредентизмот. Сигурно грчките граѓани знаат дека немаме територијални претензии или што било друго што е поврзано со тоа – вели Заев во интервјуто.
Во однос на наводните територијални претензии на кои предупредува Грција, Заев вели дека единствените претензии од Македонија се насочени кон грчките плажи.
– Да, ние сакаме налето да ги окупираме убавите грчки плажи и острови. Повеќе од еден милион Македонци секоја година патуваат во Грција, таму ги трошиме нашите пари, ја сакаме Грција, има многу контакти меѓу бизнисмени и туристи. Но искрено: немаме никакви други окупациски намери – посочува тој.
Во однос на тоа дали и идентитетот е предмет на преговори, македонскиот премиер одговара негативно. Вели дека не постои разговор за идентитетот, односно за националноста, но постои параграф за државјанството.
Заев објаснува дека ерга омнес за името, значи спроведување на решението за останатиот свет.
– Ерга омнес значи имплементација за останатиот свет, за целиот друг свет. Ние сме подготвени да разговараме за оваа имплементација, затоа што знам дека е многу важна за грчката страна. Треба да ги разбереме во однос на ова, зошто за нив е неопходно да имаат ерга омнес – вели Зоран Заев.

Останати вести