Австралија прва на светот донесе закон со кој Фејсбук и Гугл се обврзуваат да плаќаат за медиумски содржини

Австралискиот закон со кој се предвидува „Гугл” и „Фејсбук” да плаќаат за пренесување на вестите е подготвен да стапи на сила, но според експертот Род Симс ќе биде потребно време за технолошките гиганти да склучат зделки со медиумите, пренесува „Асошијетед прес”.

Австралискиот парламент ги изгласа последните измени и дополнувања на таканаречениот „Кодекс за преговори за вести во медиумите” договорен помеѓу австралискиот министер за финансии Џош Фриденберг и извршниот директор на „Фејсбук” Марк Закерберг. Според овој кодекс дигиталните платформи треба да им плаќаат на медиумите за пренесување на нивните содржини.
Род Симс, регулаторот што го подготви кодексот, рече дека е среќен што изменетата законска регулатива ќе се справи со дисбалансот на пазарот меѓу австралиските издавачи на вести и двата технолошки гиганти на Интернет.
Гугл веќе склучи зделки со големите австралиски новински куќи во последните неколку недели, вклучувајќи ги „Њуз Корп” и „Севен Вест Медиа”.
Министерот Фриденберг изјави дека е задоволен што гледа напредок во постигнувањето на комерцијални зделки на „Гугл”, и од неодамна на „Фејсбук”, со австралиските новински компании.
Фејсбук вети милијарда долари за медиумите
После силните критики во врска со привремената блокада на вестите во Австралија како одговор на законот со кој се бара дигиталните гиганти да плаќаат такси за медиумите, Фејсбук сака да ја поправи грешката најавувајки дека ќе инвестира најмалку милијарда долари во информативни содржини во следните три години.
„Од 2018 година, инвестиравме 600 милиони долари за помош на медиумската индустрија и планираме да инвестираме најмалку милијарда долари во следните три години”, објави Ник Клег, управител за јавни работи на оваа социјална мрежа. Ова соопштение доаѓа во време кога владите ширум светот сакаат да ги принудат дигиталните компании да плаќаат за медиумските содржини што ги објавуваат на своите платформи.
„Се разбира, признаваме дека квалитетно новинарство е клучно за работата на нашите општества, информирајќи ги и валоризирајќи ги граѓаните и барајќи одговорност од моќните за нивните постапки. Фејсбук повеќе од кога било сака да им помогне на уредниците на печатот”, рече Клег, без да наведе за каква инвестиција се работи.
Ветувањето на групацијата на Марк Закерберг доаѓа после необичниот конфликт со австралиската влада околу законот со кој треба да се регулираат односите на традиционалните медиуми, западнати во тешка финансиска состојба и гигантите кои владеат на интернет и го собираат најголемиот дел од приходите за рекламирање.
Договорот постигнат со австралиската влада значи дека Фејсбук и Гугл, кои се особено мета на нацрт-законот, нема да бидат казнети доколку со локалните медиуми се договорат за плаќање информации. Тие добија рок од два месеци да се договорат и да избегнат задолжителна арбитража.
Така, австралиските медиуми ќе добијат милиони долари од Гугл и од Фејсбук. Тие, пак, нема да плаќаат повеќе од сумата договорена со медиумите, со што ќе се избегне меѓународен преседан. Гугл веќе се согласи да плати 30 милиони долари за содржината на медиумската групација Њуз Корп. на Руперт Мардок.

Останати вести