ПО ПОВОД 65 ГОДИНИ ДРЖАВЕН АРХИВ НА МАKЕДОНИЈА
Со нови десет документи – копии верни на оригиналот Државниот архив на Македонија го одбележа јубилејот 65 години од своето основање.
Ова е трета серија копии на значајни документи од повеќе од 57 милиони документи, збирки, раритетни книги и микрофилмови со над 11 милиони снимки, кои се дел од ризницата на Државниот архив, рече министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска.
Во сувенирниците во надлежност на Министерството за култура и во Државниот архив веќе може да се набават ексклузивни копии на десет значајни документи, меѓу кои се Писмото од раководството на Вториот македонско-одрински револуционерен округ до војводите Kочо, Тане, Леко и Пандил во Леринско од 1905 година, Потврда за примена награда во знак на благодарност за услуги кон Македонското ослободително дело на Георги Х. Митрев, од Централниот комитет на ВМРО од 1925 година, говорот на Панко Брашнаров по повод отворањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, Решението за македонската азбука донесено од Народната влада на Федерална Македонија, дадено од Министерството за просвета на Федерална Македонија од 16 мај 1945 година и Законот за химната од 1946 година.
Според директорот Филип Петровски, Архивот ќе продолжи да објавува вакви копии.
– Едицијата е во зародиш. Поседуваме многу значајни документи кои може да бидат од интерес на јавноста, дури да станат и наставно-научни помагала во процесот на образованието – рече Петровски.
Ова е трета серија копии на Државниот архив. Првиот дел беше објавен по повод Денот на независноста – 8 Септември минатата година, а втората серија копии беа промовирани во јануари.
– Нашата цел беше преку овој проект граѓаните да се запознаат со важни настани од богатата македонска историја – рече Kанческа-Милевска.
Досега беа објавени копии од фрагментите од Евангелието на Лука од 12 век, Решението за прогласување на Илинден – 2 август за народен празник на Македонија, Решението на АСНОМ за заведување на македонскиот јазик како службен јазик во Македонија, Законот за името на Народна Република Македонија, Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава, одломка од „Цветен триод”, црковнословенски ракопис од крајот на 13 век на пергамент, Kартата на Македонија од 1913 од познатиот картограф Димитрија Чуповски и Македонската колонија во Санкт Петербург.