Уставниот суд експресен: веќе на 16 март ќе одлучува за Законот за помилување

Пред Уставниот суд се одржуваа протести за да не се усвојат измените на Законот

Одлуката за укинување на измените на Законот за помилување, со кои на претседателот на државата ќе му се дозволи да помилува без ограничување, ќе биде донесена на наредната седница на Уставниот суд – на 16 март, вели “Утрински весник.

Ова е најбрзо донесена одлука во историјата на Уставниот суд, бидејќи за неа не се чека ни рокот од 30 дена, како ни мислењето од Собранието на Република Македонија, кое, пак, во фазата на иницијатива за измените даде негативно мислење, односно беше против измени во законот.
Иницијативата на 5 февруарија поднесе охридскиот адвокат Ристо Китевски, а на 24 февруари Уставниот суд со 5 гласа „за” и 4 „против” ја прифати и одлучи да поведе постапка за оценување на измените на Законот за помилување, потег што предизвика протести пред Судот, на кои се бараа оставки од петте судии што гласаа за, и критики од експертите и од меѓународната заедница.
Пред два дена беше утврден текстот на решението за поведување постапка, а веќе в среда, по неполн еден и пол месец, ќе се донесе и конечната одлука.
Со иницијативата се отвора можност претседателот на државата неограничено да помилува лица осудени за изборни измами, педофилија и дела против човештвото, а ќе може и да аболицира обвинети лица уште пред да почне судската постапка.
Таа е поднесена непосредно по отворањето на случајот „Титаник” од Специјалното јавно обвинителство во кој осомничени се високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ за вмешаност во изборни нерегуларности.

Мнозинството во Уставниот суд се како пратеничка група

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Бранко Наумовски кој работеше заедно со четворицата од петмината судии кои го дадоа својот глас за поведување постапка (н.з петтиот дојде на негово место по пензионирањето), нема дилема дали неговите бивши колеги ќе го послушаат гласот на народот и фелата.
„Зарем мислите дека е случајно тоа што дури двајца од уставните судии (Гошева и Јосифовски) се земени од пензија”, прашува Наумовски. Тој вели дека и во времето кога бил претседател, четворицата судии функционирале како пратеничка група, а не како судии.
„Пред секоја седница се состануваа и координираа. Нив не ги интересираше ниту мислењето на професорите, ниту на нивните советници, а уште помалку ставот на Венецијанската комисија за одделни прашања”, се присетува Ивановски.
Aдвокатот Игор Спировски и поранешен уставен судија е повнимателен и не сака да прејудицира, но вели: „навистина незнам каква ќе биде нивната одлука, би сакал да почекаме”.

МАНУ апелираше Уставниот суд да не долева бензин на огнот

Претседателот на МАНУ, Таки Фити, во своето годишно експозе пред Академијата, зборувајќи за потребата од политички дијалог ја спомена и иницијативата на Уставниот суд. „Неопходно е во рамките на политичкиот дијалог, политичките партии, клучните институции на земјава и сите други релевантни фактори да дејствуваат во правец на смирување на состојбите, на релативизирање на анимозитетот помеѓу партиите, кој се заостри до апсурдни и несфатливи размери, кој ја продлабочува поларизацијата во сите сегменти на општеството и во правец на изнајдување на разумни решенија со „ладни глави”, рече тој.
Во спротивност, нагласува академик Фити, секој несоодветен чекор, сеедно од која страна доаѓа (каков што беше случајот со иницијативата на Уставниот суд за утврдување на уставноста на Законот за помилување) значи само „дотурање бензин на огнот што гори” и го доведува во прашање мирото разрешување на кризата преку изнаоѓање решенија што ќе ги респектираат основните демократски начела и европски вредности, критериуми и стандарди.

Останати вести