Законот за јазиците излегува од европски рамки

“Споредено со Законот за јазици од 2008 година, Законот од 2018 година значително го зголемува користењето на албанскиот како јазик кој го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република С. Македонија во јавните институции.

Голем дел од Законот оди над европските стандарди дефинирани специјално во рамките на Конвенцијата за заштита на националните малцинства” – вака Венецијанската комисија го почнува заклучокот за Законот за јазици, откако премиерот Зоран Заев до нив го испрати законското решение на увид.
Венецијанската комисија ја поздравува желбата на македонските власти за да се подобри јазичниот статус на малцинствата, но како што пишуваат од таму во извештајот кој во понеделникот беше објавен на нивната веб-страница, Законот во некои делови оди предалеку со нереални правни обврски на јавните институции.
„Ова всушност е случај каде се дозволува користење на албанскиот јазик и во судските случаи, што бара повеќе години за подготовка истото целосно да функционира. Има голема и скапа обврска на судските власти заедно со тешки санцкии во случај на некомплетирање”, стои во заклучокот на Венецијанската комисија.
Од таму додаваат дека со двојазичност во судството ќе се успори функционирањето на целосниот судски систем, што носи ризик за сериозно нарушување на правата за фер судење гарантирани од Европската конвенција за човекови права.
Од Комисијата излегуваат со препорака законодавецот да го преиспита Законот за јазици, особено во делот за судските постапки, но и да се измени и членот 3 од Законот за јазици, со кој се обезбедува употреба на албанскиот јазик во внатрешната и внатре-институционалната комуникација така што да се ограничи неговиот опсег во делот на писмената официјална комуникација.
„Законот е нејасен и во делот каде што албанскиот јазик се смета за официјален јазик. Не е јасно дали се вклучени и приватните компании – поштенските услуги, компаниите за транспорт, болници, градинки, медиумски куќи и слично”, велат од Венецијанската комисија.
Според Комисијата екстремно е широк опфатот на водењето на постапките пред јавните институции на македонски и на албански јазик, како на пример: изборниот процес, образование, наука, здравство, култура, полиција, радиодифузни активности, нотарски работи, инфраструктура, граѓански регистри, лична документација, финансии и економија.
Венецијанската комисија дава и забелешки за идејата за двојазични униформи и банкноти, за кои вели дека се надвор од европските рамки, но не и без преседан. Од таму додаваат дека членот 8 од законот за јазиците оди далеку повеќе од минималните предвидени стандарди за заштита на малцинствата.
„Дури ни детално напишаната Европска повелба за човекови права не предвидува такви обврски во врска со банкноти, монети, поштенски марки и униформи на една земја” заклучила Комисијата. Во текстот се додава дека тие пепорачуваат намалување или одложување на паричните казни предвидени за кршење на законот, бидејќи, според оние кои го разгледале законот, тие се превисоки.

Останати вести