Често првата препорака за оние кои сакаат да се ослободат од вишокот килограми е да се откажат од белиот леб. Меѓутоа, ако сте од оние кои не можат да се откажат од леб и тестенини, во продолжение ви нудиме здрава алтернатива за овие продукти.
Замена за компир
Карфиолот е продукт кој може да се подготвува на безброј начини, а не содржи речиси никакви маснотии. Има мошне малку јаглехидрати и калории, па затоа е идеална замена за компирот. Сварете го и пригответе го како компирот и претворете го во пире. Исто така, варениот карфиол зачинет со малку сол, бибер, маслиново масло и оцет станува највкусната салата која можете да ја јадете без друг вид јадење.
Замена за леб
Овој вкусен продукт е тесно поврзан со дебелеењето. Ако сте и вие зависник од леб и не можете ниту да замислите оброк без него, постои алтернатива – станува збор за леб без трошка брашно, кој е многу вкусен и едноставен за подготвување.
Овој вид леб содржи мали количини квасец и сол и нема адитиви, конзерванси и слични супстанции. Прелијте пченица со вода и оставете ја така три дена додека ‘рти, а повремено менувајте ја водата. После три дена исцедете ја пченицата и измелете ја во блендер.
Во добиената смеса, која потсетува на брашно, додадете снегулки од јачмен кои претходно сте ги чувале малку во вода за да омекнат. Семките од лен, сончоглед и сусам благо запржете ги во сува тава и потоа додадете ги во смесата. Во 50 милилитри вода додадете квасец и малку шеќер и почекајте да надојде. Надојдениот квасец додадете го во смесата, посолете и замесете тесто. Можете да додадете уште вода ако е потребно.
Во рерна загреана на 220 степени ставете неколку коцки мраз да се создаде пареа, па потоа ставете го лебот да се пече. Влажната средина ќе помогне во растењето на тестото. Печете го лебот околу 45-50 минути.
Замена за тестенини
Тестенините за многумина се главен дел од брз оброк, кој може да се подготви за половина час. Но, иако е многу вкусен додаток за јадењата, тестото не е пријател на вашата фигура, особено ако планирате да изгубите некој килограм. Едноставно, тестенините заменете ги, на пример, со шпагети од тиквички.