Австралискиот прајминистер Скот Морисон ја обвини Европската унија како причина за бавното вакцинирање во Австралија, тврдејќи дека нејзиното блокирање на пратките со вакцини до Канбера е причина за потфрлање од планираната стапка на вакцинација.
Иако Австралија успеа да се справи со Ковид-19 преку строги ограничувања и внатрешни контроли, досега успеа да вакцинира само 670.000 луѓе против Ковид-19, далеку под целта на владата од 4 милиони вакцинирани до 1 април.
Зборувајќи за неисполнетата цел, Морисон рече дека владата го напуштила првичниот план пред неколку месеци кога станало јасно дека одлуката на ЕУ да ги блокира пратките очигледно ќе влијае на планираните цели.
Во моментов, ЕУ блокира повеќе од милион дози вакцини против Ковид-19 кои требаше да помогнат за ситуацијата во Папуа Нова Гвинеја и најмалку четвртина милион вакцини што требаше да пристигнат во Австралија.
Иако Канбера првично ја прифати одлуката на ЕУ поради зголемувањето на бројот на случаи низ цела Европа, континуираните ограничувања на извозот на вакцини предизвикаа фрустрација, а австралискиот министер за финансии, Сајмон Бирмингем, го обвини Брисел поради одлука да не ги почитуваат правилата.
Морисон се соочува со сè посилни критики, а критичарите ги цитираат неговите коментари дадени на почетокот од пандемијата кога тврдеше дека Канбера е на почетокот од редицата за достава на вакцини, а неговата цел е целосно да ги вакцинира сите возрасни до октомври сега изгледа сè поневеројатно.
Австралискиот прајминистер се бранеше од овие напади дури и од членовите на сопствената партија, тврдејќи дека тоа не е трка и ги отфрла критиките на оние кои, како што вели, сакаат да си играат политика со вакцините и нивната дистрибуција.