Западнобалканската рута дефинитивно се затвора за бегалците?

Турскиот премиер Давутоглу издејствува поголеми отстапки од ЕУ: нови $ 4.5 милијарди, укинување на визите и придви­жување на преговорите за членство во ЕУ

ДО 17 МАРТ ЌЕ СЕ ПРЕЦИЗИРА НАЧЕЛНИОТ ДОГОВОР ПОМЕЃУ ЕУ И ТУРЦИЈА

Челниците на Европската Унија имаа долготрајни и тешки преговори во понеделникот со Турција, за во вторникот околу 3 часот наутро во Брисел да биде соопштено дека е постигнат “принцип на заеднички договор за управување со мигрантскиот прилив”.
Сега останува до 17 март (Самитот на лидерите на ЕУ) претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, да преговара со Турција за деталите со што ќе ѝ стави крај на двегодишната криза со бегалците.
Во заедничката изјава на лидерите на ЕУ се вели: „Нерегуларниот проток мигранти по должината на западнобалканската рута сега е завршен”, иако во нацрт-верзијата се предвидуваше да стои „западнобалканската мигрантска рута сега е затворена”.
Сепак, под притисок на Грција и на Германија, на крајот е прифатена верзијата дека е „завршен протокот на бегалци” по рутата каде што главна земја на транзит е токму Македонија, низ која за помалку од година и половина минаа речиси еден милион бегалци и мигранти.
Хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ, кој заедно со лидерите на Словенија, Австрија, Словачка, Чешка, Полска и на Унгарија, инсистира на „затворање” на западнобалканската рута, по долгите понеделнички преговори со турскиот премиер Ахмет Давутоглу, изјави дека преминувањето на мигранти по овој пат „во принцип е запрено”.
Инаку, договорот ЕУ-Турција за решавање на бегалската криза, што ќе треба да го доработат Туск и Давутоглу, предвидува Брисел, меѓу другото, да ѝ даде дополнителни А$ 4.5 милијарди на турската држава до 2018 година, покрај оние А$ 4.5 милијарди што Унијата ѝ ги вети во ноември минатата година.
Исто така, Унијата ќе треба да обезбеди укинување на визите за турските државјани до крајот на јуни оваа година, а клучен е договорот дека за еден бегалец или мигрант што ќе биде вратен од Грција во Турција, еден Сириец да се пресели директно од Турција во некоја од земјите на Европската Унија.
Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека понудата на Турција да прифати илегални имигранти е можност за напредок во решавањето на мигрантската криза.
Во соопштението се вели и дека ЕУ „ќе ѝ помогне на Грција да се справи со масовниот прилив бегалци” и дека ќе се обезбеди „ефикасен одговор на тешката хуманитарна ситуација на теренот”. Се работи за фонд од околу А$ 1 милијарда кои се претежно наменети како директна помош за Грција.
ЕУ се обврза да обезбеди дополнителна помош за Грција во управувањето со надворешните граници, вклучувајќи ги и оние со Македонија и со Албанија, како и да се обезбеди правилно функционирање на центрите за сместување на бегалците со нивна стопроцентна идентификација, регистрација и безбедносни проверки, како и со обезбедување доволно капацитети за прием.
– Европската гранична служба Фронтекс ќе почне дополнителен повик за национални службеници кои ќе функционираат во Грција како гости, што е можно поскоро, и сите земји членки треба да одговорат целосно, најдоцна до 1 април. Европол брзо ќе распореди полицајци гости на сите контролни точки за да се зајакнат безбедните проверки и за поддршка на грчките власти во борбата против шверцерите – се вели во заедничката изјава на лидерите на ЕУ.
Во истата резолуција на ЕУ се вели дека земјите-членки на Унијата, исто така, се обврзаа дека ќе продолжат тесно да соработуваат со државите од Западен Балкан, кои не се членки на ЕУ „за да им ја обезбедат сета потребна помош”.
Исто така, договорено е и спроведување на постојните договори за преселување и работа за веродостојна програма за доброволен хуманитарен прием со Турција и „преземање на сите неопходни мерки веднаш, во однос на отворање какви било нови правци на движење на бегалците”, како и „засилена борба против шверцерите”.
Во последната точка се вели дека ЕУ тесно ќе соработува со НАТО, кој веќе размести голем број бродови во Егејското Море за да се справува со шверцерите.

За секој вратен бегалец во Турција од Грција, ЕУ ќе насели по еден Сириец директно од Турција кај себе

Останати вести