Пентагон ја поздрави одлуката на Македонија да ја прифати групата нејзини државјани, кои како странски платеници се заробени во Сирија.
Два дена претходно МВР соопшти дека во заедничка акција со Командата на Глобалната антитерористичка коалиција и Сириските демократски сили привело седуммина македонски државјани, кои се бореле на боиштата во Сирија и Ирак. Од соопштението и од видео-снимките се доби впеаток дека лицата се уапсени во акција на македонската полиција, на тлото на РМ.
Но, се покажа дека седумтемина уапсени биле донесени со американски воен авион откако Курдските сили побарале да бидат ослободени од товарот на воените заробеници – граѓани на повеќе европски држави. Сите тие биле заробени уште лани.
Портпаролот на Пентагон, Шон Робертсон, за Си-Ен-Ен изјави дека демократските сили во Сирија до јули имаат заробено 600 странски платеници од повеќе од 40 земји. Меѓу нив, според овој американски морнарички командир, имало околу 40 платеници од Русија, 10 од Германија и помал број од Франција. Не е прецизирано дали меѓу нив освен седуммината има и други македонски државјани.
Портпаролот Ерик Пахон, пак, за „Вашингтон тајмс” изјави дека Македонија покажала пример за сите членови на Глобалната коалиција како да се порази ИСИС и нагласи дека странските терористички борци не се само проблем за Сирија или за регионот, туку, како што објасни, тие се глобален проблем што бара глобална соработка.
Станува збор за македонските државјани С.Р. (1990), Џ.А. (1993), Б.Ф. (1994), О.Ж. (1987), Е.О. (1994), И.Ш. (1977), А.М. (1995), за кои е распишана меѓународна потерница и за кои според член 322а и 394а од Кривичниот законик на Република Македонија се поднесени кривични пријави во рамки на полициските акции „Ќелија 1″ (август 2015) и „Ќелија 2″ (јули 2016), соопшти МВР.

Исповеди на двајца од уапсените џихадисти кои се бореле во Сирија
Паралелно со информацијата од Пентагон, македонската телевизија Канал 5 објави скратнени видеа од исказите на двајца од донесените македонски џихадисти. Едниот 30-годишен, другиот едвај 23. И двајцата четири години се бореле на страната на злогласената Исламска држава, пред да паднат во рацете на силите на Курдската милиција. Интервјуата се дадени за сириската агенција АНХА во рубриката насловена „Исповеди”, датираат од лани и најверојатно се направени во еден од затворите во Северна Сирија.
Заробените џихадисти велат дека биле инспирирани од Светата војна, а не од парите, а патот до боиштата е добро организиран и речиси секогаш води по маршрутата Скопје-Истанбул-Газиантеп – Џараблус, град кој е првата станица на сирискиот фронт.
– Од Македонија сум. Во Сирија заминав во октомври 2013-та година. Прво бев во градот Тил Рифат. Таму минав 20 дневна обука, која вклучуваше и воени вежби и верски часови. Се борев против силите на Курдската милиција и против Слободната сириска армија. Во Сирија и се женив и имав две деца, вели поранешниот припадник на ИСИС од Македонија.
– Со активностите на ИСИС се запознав на интернет. Потоа почнав да вршам пропаганда меѓу младите во Македонија, зашто верував дека се бориме во името на Исламот. Им помогнав на многумина од Македонија да стигнат во Сирија. По повеќемесечна обука станав одговорен на исламската милиција во Џараблус, вели поранешен припадник на ИСИС од Македонија.
Според сириската агенција, двајцата македонски државјани биле уапсени од сириските сили кон средината на минатата година, период кога Исламската држава почнува да ги губи позициите во Сирија.
– На сите поддржувачи на ИСИС во Европа им велам да останат подалеку од Исламската држава. ИСИС е лажно исламско движење. Видов страотни сцени на масакри на улиците и луѓе каков горат во кафези. Кога го видов тоа, побегнав и им се предадов на сириските демократски сили, вели вториот припадник на ИСИС.
– Со цивилите се однесуваа варварски. Сите надвор од нивната група ги гледаа како робови, особено жените Јазиди. Тие не го претставуваат Исламот, вели тој.
По признанието од Пентагон и герамскиот весник „Билд” пишува дека Македонија e европска земја која прифатила да ги врати заробените борци на Исламска држава во Сирија и Ирак. Според Билд, курдската милиција со месеци бара од САД да се погрижат за враќање на заробениците во нивните матични држави затоа што тие се дополнителен товар за нејзините ресурси.