ЗАСИЛЕНА ПРОПАГАНДАТА ЗА ПОПИШУВАЊЕ: Пописот на дијаспората како меѓуетнички натпревар

Иако бројката на дијаспората нема да влезе во бројот на жители на Македонија, пописот на иселениците засилено се политизира, особено од страна на политичари и дипломати Албанци и се претставува како важна статистичка операција од која зависат уставните права на нивната етничка заедница.

Организациите и друштва на Македонците во дијаспората во последните денови позасилено се вклучија во повикувањето на иселениците да учествуваат во пописот. Обединетата македонска дијаспора ги повикува и Македонците во Македонија да не го бојкотираат пописот.
До денеска податоци за себе дале преку 80 илјади државјани на Македонија кои над една година претстојуваат во странство или таму трајно живеат. Државниот завод за статистика ја објави бројката од 82.113 лица кои валидно ја пополниле апликацијата за електронско попишување која се однесува за дијаспората. Процесот на попишување продолжува до 21 април.
Во Заводот велат дека динамиката е засилена последниве денови и дека не е малку на дневна основа своите податоци да ги испратат по 4 илјади лица, како и дека има доволно време до 21 април сите да се попишат. Најголем одзив има во неколку европски земји, пред сè во Швајцарија и Германија, а помал во САД и особено во Канада и Австралија, но состојбите и таму се подобруваат.
Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора вели дека од самиот почеток организацијата им укажала на иселениците дека е од голема важност пописот.
„Можам да забележам дека особено последниве денови е позасилена активноста меѓу иселениците со повици на македонски и на англиски јазик. Се работи и преку социјалните мрежи. Сепак, треба да се има предвид дека дијаспората во минатото не се попишуваше и дека е голема неинформираноста. Доста беше застапено и мислењето дека треба да се бојкотира затоа што власта го смени името на државата, затоа што се преговара со Бугарија или затоа што македонската држава ангажираше бугарска компанија за изработка на софтверот за електронскиот попис покрај бројни информатички техничари по што е позната Македонија. Но што да се прави, реалноста е таа, а важно е да се знае колку Македонци живеат надвор од државата, затоа треба што помасовно да се попишат нашинците”, вели Колоски.
Тој вели дека беше изненаден од една работа:
„За прв пат добивме мејл од македонската амбасада во која се повикуваме да учествуваме на пописот, со информации, објаснувања и линк до апликацијата. Во минатото, еве и минатата година, не добивме никаков мејл поврзан со изборите во Македонија или со други крупни настани.
Колоски вели дека треба и во Македонија Македонците да не го бојкотираат пописот. Тој ги повика и оние 100 илјади граѓани кои ставија потпис за бојкот и поништување на Законот за попис, сепак да ги дадат своите податоци на попишувачите.
„Немаме интерес од неуспешен попис во Македонија. Немаме интерес ниту пописот да даде нереално мал број на Македонци во дијаспората, зашто таа бројка е навистина голема”, нагласува Колоски.
Toj вели дека поради пандемијата е тешко да се организира помош за иселениците во смисла на организирано собирање, на пример во македонските црковни општини и други заедници, иако и тие го проследуваат повикот од МПЦ, а дека во Канада тоа е уште понеостварливо имајќи предвид колку таму животот се затвори поради болеста.
Во изминатите недели за разлика од политичарите Македонци и партиски челници, забележлив е големиот ангажман на државни и партиски функционери Албанци како лобираат меѓу дијаспората што повеќе Албанци иселеници да се попишат на пописот на населението.
Иако од Заводот за статистика повторуваат дека бројката на дијаспората не влегува во бројот на жителите на Македонија, односно во бројот на резидентно население, како и дека од тоа не зависат правата по етничка основа внатре во државата, сепак се чини како секому да му е важно што повеќе да се попишат припадници на неговата етничка заедница. Како да е натпревар во прашање.
Првиот вицепремиер Артан Груби во Приштина се сретна со лидерите на косовските политичките партии како и со в.д. претседателката на Косово, Вјоса Османи. Тема на средбата бил пописот на населението кај нас по што „Груби побарал помош од лидерите на Косово да ја повикаат албанската дијаспора на Северна Македонија да се попише, како и Албанците внатре во земјата”, наведувајќи дека е важен процентот на албанското население и од уставен аспект.
Така всушност и беше најавена неговата посета на Косово „како можност да разговара за пописот во Македонија”, но ете, тоа не било за чудење иако се работи за посета на друга земја.
Уште повеќе ако се има предвид дека идниот премиер на Косово Албин Курти преку видео порака ги повика македонските Албанци во дијаспората да се вклучат масовно на пописот.
„Бидејќи дури и со сегашниот Устав, политичките права на граѓаните во Македонија се диктирани и произлегуваат од бројките, регистрацијата на секој граѓанин е исклучително важна. Ова значи дека во политичката застапеност, капиталните инвестиции, вработувањето, распределбата на буџетот, субвенциите за земјоделците, стипендиите за ученици и студенти, донациите за општините и слично зависат точно од бројот на граѓани на двете државно-формирачки заедници на Македонија. Напишете го вашето име таму и кликнете на опцијата: албански”, рече меѓу другото Курти.
Од македонското МНР нема одговор на нашето прашање дали ќе се реагира затоа што лидер од друга држава практично се меша во внатрешните работи на нашата држава.
Пописот од 2002 година е последниот што е спроведен во Македонија и според тогашната статистика државата броела околу 2 милиони и 22 илјади жители. Во 2011 обидот за папопис заврши неуспешно – се потрошија милионски суми пари, а операцијата не се спроведе, ниту пак некој понесе одговорност за тоа.
Натпреварот за етнички бројки продолжува, селекторите се на потег…

П. Џ.

Останати вести