Петтемина обвинети во случајот „Ќелија” добија затворски казни од 2 до 4 и пол години откако претходниот понеделник признаа дека се виновни за делата за кои се товарат, па судскиот процес заврши веднаш откако почна. Пресудата беше објавена во средата.
– Можеби обвинетите биле заведени од идеологија што не била добра ниту за нив ниту за човештвото, но се надевам дека тие ќе се вратат на правиот пат и дека ќе му се посветат на семејството, а оние што немаат, ќе создадат семејство – рече судијата Ѓоко Ристов при изрекувањето на казната.
Тој објасни дека одлуката ја донел врз основа на Законот за одмерување на казните имајќи ги предвид олеснителните околности за обвинетите дека некои од нив се во брачна заедница, дека имаат деца, дека не се осудувани и дека ова е прво кривично дело што го сториле.
Највисока казна доби Иса Фуга на кого судот му пресуди единствена казна во траење од 4 и пол години за три става од членот 322-а „учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација” од Kривичниот законик.
На обвинетиот Ерол Рустеми, кој се товари за два става од истиот член, му беше изречена единствена казна затвор во траење од 4 години, а Абдула Абдулахи исто така обвинет по однос на два става од членот 322-а, доби казна затвор во траење од 3 години и 1 месец. По две години затвор добија Мухамед Имери и Стефан Стефановски, кои беа обвинети за по два става од истиот член. Сите петмина на јавната седница за оцена на обвинителен акт негираа дека се виновни, но кога почна судењето, се попишманија и рекоа дека се виновни. Тие вчера не беа присутни на изрекување на пресудата и останаа во притворските одделенија каде што се по апсењето во август лани, а ќе останат во притвор се до правосилноста на пресудата.
Останатите шестмина уапсени во акцијата „Ќелија”, меѓу кои и лидерот на групата, имамот Реџеп Мемиши, веќе се на издржување на затворските казни. Тие ја признаа вината уште на јавната седница за оцена на обвинителен акт и се спогодија со Обвинителството за висината на казните. Имамот беше осуден на седум години затвор бидејќи ја организирал ќелијата што регрутирала и испраќала џихадисти во Сирија и Ирак. Тој рече дека е невин, но дека поради семејството и малолетните деца, ќе ја прифати вината за да не им го уништи животот со долгогодишниот престој во затвор. И некои од другите осудени рекоа дека нивните семејства се причина да се спогодат за помали казни, а дел рекоа дека немало јасни докази против нив, но сепак прифатиле вина бидејќи не можеле да ги побијат на суд. Па, така, Фазли Суља, Мухамед Шеху, Сејфула Едемовски и Ресуљ Саити добија единствена казна затвор од пет години бидејќи беа обвинети за два става од членот 322-а. Ахмет Дарлишта, пак, доби пет години и шест месеци затвор бидејќи е обвинет за три става од членот за кои можел да добие најмалку 15 години затворска казна.
Осудени 11, на слобода уште 25 џихадисти
Ова беше прв случај во Македонија во кој им се судеше на лица што заминале да се борат во странски војски и паравојски откако беа усвоени законските измени во септември 2014 година. Во акцијата „Ќелија” МВР поднесе кривични пријави против 36 лица, но беа обвинети и осудени само 11 лица што беа уапсени. Останатите, најверојатно, се на боиштата на Блискиот Исток или се кријат во други држави. Бидејќи некои од обвинетите се спогодија со Обвинителството, а други ја признаа вината, јавноста немаше можност да слушне детали кој од нив и колку време се борел во редовите на ИСИЛ, но и како другите ги извршиле делата за кои се товарат.
(“Утрински весник”)