Заврши драматичната потрага на Бистра

По речиси 20-дневна потрага се разреши мистеријата со исчезнувањето на таткото и синот Љубомир (78) и Сашо (50) Мицевски, кои на почетокот од јули се изгубиле во планина на просторот помеѓу селата Лазарополе и Гари. За нивното пронаѓање беа ангажирани полициските “тигри” но и армиските “ренџери”, кои речиси три недели беа во потрага иако беше јасно дека живи не може да ги најдат.

Пензионираното воено лице Љубомир Мицевски и неговиот син Сашо, кој е полицаец, исчезнаа на 14 јули. Двајцата вљубеници во природата, кои триесетина години поседувале викендичка во Лазарополе, утрото тргнале да собираат печурки во шумата над семејната куќа. Иако теренот го познавале одлично, имајќи предвид дека го имале минато безброј пати, попладнето се јавиле кај сестрата на Сашо во Скопје, пожалувајќи се дека пропаднале во бездна, но потоа и соопштиле оти се извлекле. Вечерта, се јавиле по трет пат, овојпат тврдејќи дека се дехидрирани, дезориентирани и уморни. Напомош биле повикани селаните и полицијата. Во последниот телефонски разговор, Сашо рекол дека се наоѓаат во ливада обрасната со папрат, по што батеријата на телефонот се испразнила. Мештаните, кои добро го познавале теренот, пристигнале на ливадата на која претпоставувале дека ќе ги најдат таткото и синот, но таму немало ништо.
Во вторникот, при пребарувањето на теренот специјалците осетиле мирис на мрша, што ги одвело до трупот на таткото Љубомир. Тој бил препознаен по облеката. Бил пропаднат во дол длабок 10 метра.
– Сто години да баравме на тоа место, немаше шанси да ги најдеме. Бев на самото место, учествував во извлекувањето. Тоа е место каде што човечка нога никогаш не стапнала. Наша претпоставка е дека исчезнатиот го навело да се спушти надолу тоа што ја видел кривината и мислел дека по долот ќе слезе. Но тука пропаднал зашто теренот е речиси вертикален – вели за „Дневник” командирот на ПС Ростуше, Раиф Пајковски.
– Станува збор за многу стрмен дел. Тука шумата завршува и веднаш има дол. Има висина од осум до десет метри. Старецот паднал од десетина метри. Има суви дрва, кои те лажат да се фатиш за нив да се задржиш, но сосе нив ќе паднеш. Паднал во карпите, во малото поточе што тече таму, со лицето надолу во обратен правец. Тоа покажува дека не седел да одмара, туку дека паднал – детаљно објасни командирот Пејковски.
Според него, трупот не е најден во месноста Ѓурепи, туку малку подалеку.
– Местото е подалеку од Ѓурепи. Ќе напоменам дека она што двајцата го даваа како локација кога исчезнаа, не се поклопува со позицијата каде што е најден таткото. Тие податоци ги даваа преку ден, па приквечер. Kажуваа дека се две брда понатаму, па дека ги гледаат селото Гари и фабриката, а тоа е сосема друга позиција и тоа значи дека отишле многу подалеку. Првично кажаа дека тоа е Ѓурепи – „еве слегуваме” рекоа, но шумата и самата патека ги однела подалеку и залаутале – вели тој.
Додава дека двајцата се обидувале да најдат излез, мислеле ќе заобиколат, па ќе слезат во месноста Задол, односно во близина каде што живеат во селото.
– Претпоставката е дека поради тоа се движеле по тоа место, но кога на крајот во последниот разговор ги прашавме што гледаат, одговорија „ништо, само месечината” – вели командирот Пејковски.
Тој додава дека ако се движеле ноќе, тоа може да било фатално и треба да се остане присебен.
– Според мене, ова се случило истиот ден кога се изгубиле. Но да го најдеме и другиот исчезнат, па ќе видиме. Дај боже да е жив – вели командирот.

Пронајден трупот и на вториот

Но, желбите на Пајкоски не се остварија. На околу 500 метри оддалеченост од локацијата на трупот на Љубомир, беше најдено уште едно тело. Поради распаѓањето било невозможно да се идентификува на самото место, па трупот е пратен на обдукција. Но, речиси е сигурно дека ова е трупот на Сашо Мицевски. Дополнителни информации се очекува да дадат МВР и Судска медицина. Официјално потрагата по двете изгубени лица е завршена.

Останати вести