Оцетната киселина што се наоѓа во оцетот го дезинфицира желудочно-цревниот тракт и влијае врз создавањето на желудочните сокови. Така организмот полесно и побрзо се снабдува со калциум, железо и со белковини.
Во здравата исхрана, маслата имаат важна улога. Тие, наспроти животинските, како што се путерот и маста, се без холестерол и содржат незаситени масни киселини, кои организмот сам не може да ги произведе. Овие масни киселини поволно влијаат врз нивото на холестеролот и претставуваат заштита од заболувањата на срцето и на крвотокот. Освен тоа, на телото му се потребни масти, а најдобро е здравото масло за да може витамините А, Д, Е и К, што се раствораат во мастите, добро да се искористат.
Каков оцет да купите?
Кога купувате оцет, важно е да направите вистински избор. Винскиот оцет се добива од чисто вино. Овошниот оцет најчесто се добива од јаболка. Алкохолниот оцет се добива од шеќерна репка, житарки и од компири. Винско-алкохолниот оцет се состои од една четвртина вински оцет и од три четвртини алкохолен оцет. Есенцијата е синтетички производ и ја има во различни концентрации, па оцетната киселина во одредени размери се разблажува со вода.
Какво масло?
При производството на масло, постапката за цедење е мошне важна за квалитетот на производот. Ладноцедените масла не се загреваат дополнително, мошне се вкусни, но рокот на употреба им е релативно краток. Овие масла се препорачуваат за ладна кујна. Рафинираните масла се загреваат веднаш по цедењето за да се отстрани и за да се спречи заматеноста, но и несаканите материи, кои влијаат на вкусот и на мирисот. Овие масла имаат подолг рок на траење и се извонредни и за печење и за варење на разни јадења.