Околу 500 здравствени работници од скопскиот Клинички центар се собраа да го искажат револтот од погрешните политики во дејноста.
На получасовниот мирен протест во кругот на Клиничкиот центар “Мајка Тереза” беше истакнато дека долгорочните погрешни политики во здравството довеле до омаловажување и до деградација на здравствените работници и соработници, дека со години се води хајка против докторите како недоволно едуцирани, корумпирани, неодговорни и непријатели на пациентите и главни виновници за несакан исход во лекувањето, а се резултира со лошите законски решенија. Повеќето на себе носеа транспаренти и маици со нацртани мети, потоа со текст: јас сум Љубомир Огненовиќ, како и со други реченици со кои се бараат нови законски решенија за дејноста. Протестот беше организиран од Самостојниот синдикат на клинички центри, а во знак на поддршка на д-р Љубомир Огненовиќ од Клиниката за дигестивна хирургија, кој беше ранет од огнено оружје на своето работно место.
Синдикатот упати повеќе директни пораки до Министерството за здравство, во стилот: ние предупредувавме, вие одлучувавте; кога велевме заедно да ја изготвиме новата законска регулатива, вие одбравте; рековме – не за плата според остварениот резултат, вие одбравте; рековме – не за „Мој термин”, вие одбравте; велевме – не за чип-картички, вие одбравте; велевме – не уценувајте ги специјализантите, вие одбравте, рековме – директори не вршете мобинг, вие не не› поддржавте…
„Се надеваме дека институциите, пред се Министерството за здравство, ќе ја разберат пораката од протестот и дека ќе почнеме рамноправна соработка за изготвување нов и квалитетен закон за здравствената дејност”, изјави Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот.
