КИДМАН: Треба да ги поддржиме жените режисерки

Светски познатата актерка Никол Кидман ја изрази својата поддршка за жените режисерки и го критикуваше Холивуд за односот кон нив, пренесоа американските медиуми.

Австралијката зеде збор во заштита на Софија Копола и на нејзиниот филм „The Beguiled”, една од трите продукции, дело на жени режисерки кои се натпреваруваат за „Златната палма” на филмскиот фестивал во Кан.
„Ние жените треба да ги поддржуваме режисерките! Тоа е наша обврска!”, изјави Кидман. Таа истакна дека во 2016 година само 4 проценти од големите холивудски продукции биле режирани од жени.
„Секој тврди дека работите се менуваат, но практично си остануваат исти”, истакна австралиската актерка.
„The Beguiled” на Софија Копола е римејк на филмот кој го носи истиот наслов на Дон Сигел од 1971 година со учество на Клинт Иствуд. Но новиот филм е од женска гледна точка. Тоа е трилер за Граѓанската војна во кој ранет војник паѓа под грижата на училиште за девојки во Вирџинија. Години откако го гледала оригиналот на Дон Сигел, Софија Копола одлучила да го остави зад себе отпорот да прави римејкови.
„Оригиналниот филм беше раскажан од машка гледна точка”, изјави на прес-конференција режисерката по претставувањето на филмот во Кан.
„За мене беше интересно да се навратам кон книгата и да ја раскажам приказната повторно, но овој пат од женската гледна точка”.
Проекцијата на филмот на Копола беше проследена со бурен аплауз. Главната машка улога му е доверена на Колин Фарел, а меѓу дамскиот состав блескаат имињата на Никол Кидман, директорка на училиштето, Кристен Данст и Ел Фанинг.

Останати вести