СЗО ЗА ШИРЕЊЕТО НА ВИРУСОТ НИЗ СЕВЕРНА И ЈУЖНА АМЕРИКА
Светската здравствена организација (СЗО) очекува од вирусот зика што се шири низ Северна и Јужна Америка, да се заразат меѓу три и четири милиони луѓе, рече експерт за болести.
Генералната директорка на СЗО рече дека статусот на ширењето на болеста што се пренесува со касање од комарец се сменил од умерена закана до ниво на алармантност. Маркос Еспинал, експерт за заразни болести од регионалната канцеларија на СЗО за Северна и Јужна Америка, рече: „Очекуваме дека ќе има 3 до 4 милиони луѓе заразени со вирусот зика”. Тој не кажа во колкав временски период.
Нема вакцина, ни терапија за вирусот зика што е многу сличен со тропските трески денга и чикунгунја и предизвикува треска, осип и црвенило на очите.
Се проценува дека 80 отсто од луѓето кои се заразени воопшто немаат симптоми што ја отежнува веројатноста бремените жени да знаат дали се заразени со вирусот.
Генералната директорка на СЗО Маргарет Чан рече дека организацијата ќе свика итна средба во понеделник за да се одреди нивото на меѓународната реакција во случај на епидемија на вирусот што се шири од Бразил и се смета дека предизвикува сериозно оштетување на плодот кај бремените жени.