3-месечно бебе од Дојран, прв сомнителен случај на “зика“ во Македонија

Според лекарите големи се шансите бебето да е заболено од вирусот зика, бидејќи од направените анализи се исклучени останатите вируси од кои последица може да биде микроцефалија, односно мала глава. Се чека анализа од лабораторија во Германија за да се потврди или отфрли ваквиот сомнеж.

Тримесечно бебе од Дојран со микроцефалија (мала глава) е првиот сомнителен случај на вирусот зика во Македонија. Од досегашните анализи лекарите утврдиле дека не станува збор за досега пријавен вирус во земјата. Оттука, според лекарите големи се шансите бебето да е болно од зика, а вториот сомнеж отпаѓа на вирусот денга. Дали и од кој од овие два вируси боледува бебето ќе се знае за кога на детската клиника би пристигнале резултатите од анализите во една референтна лабораторија во Германија.
Бебето на детската клиника било донесено пред 20-тина дена по претходен преглед и препорака не неговиот педијатар од Струмица. Ова била втора рожба на 28-годишната мајката. Таа била во Грција на почетокот на минатото лето, односно во периодот од првиот до третиот месец од бременоста.
– Мајката е од Дојран каде што има многу комарци и сметаме дека сомнежот има основа. Се изненадивме многу кога по изгледот на 3-месечното бебе се посомневавме дека тоа е можеби од инфекција со вирусот зика. Тоа има аномалија само во делот на черепот – мало главче, и никаква друга, што исто така ни укажа на сомнеж за овој вирус. Добро е што педијатарот го испратил бебето на клиника, а токму во тој период може да се откријат овие аномалии – изјави д-р Аспазија Софијанова, директорка на Детската клиниката во Скопје.
Во оваа установа биле лекувани дечиња со микроцефалија, но вакви случаи на болест немало подолго време.
Вирусот зика кај луѓето предизвикува симптоми на треска, конјуктивитис и главоболка, но е опасен за бремените жени кои може да родат деца со помал мозок.
Вирусот се пренесува на луѓето преку каснување од заразен женски комарец од родот Аедес, истиот тип комарец што ги шири треските денга, чикунгуња и жолтата треска.
Стравот од ширењето на новиот вирус зика во Македонија се појави откако, по првите случаи во Јужна и Северна Америка, заразени со овој вирус се потврдени и во Португалија и Данска, како и во Италија, Германија, Холандија, Велика Британија, но и во повеќе од 20 земји каде што се инфицирани илјадници лица. Taму со микроцефалија веќе се родени и стотици бебиња. Според претпоставките на СЗО досега само во Бразил се родиле повеќе од 2,500 бебиња заразени со зика. Вирусот кај човек прв пат бил изолиран во 1952 година. Лек за него досега не е најден.

Останати вести