Душан Ристевски од Сиднеј – добитник на признанието „Златен клас“

Душан Ристевски е поет, драматург, автор на седум стихозбирки, 14 монодрами, основоположник на Македонското литературно друштво „Григор Прличев” (1978), на списанието „Повод” (1978), на Австралиско-македонскиот театар (2007) од Сиднеј.

Тој е овогодишен добитник на признанието „Златен клас за македонски вознес”, што го доделуваат „Пелагониските културно – научни средби” во Новаци, Битoлско.
Еден од најактивните македонски општествени дејци во Австралија М-р Душан Ристевски е добитник на признанието „Златен клас за македонски вознес” на Пелагониските културно научни средби во Новаци, Битолско. Ова признание му се додели на Душан Ристевски во знак на почит за неговите поетски и драмски остварувања, кои се мост меѓу Македонија и Австралија.
Пелагониските културно-научни средби се формирани во 2000 година во Општина Новаци, а носители на активноста се познати писатели и научни творци кои со својот личен труд дале и даваат особен придонес за опстој на истите. Овие средби се од големо значење за зачувување на културно-научното наследство во Македонија. Се одржуваат секоја година, вообичаено во месец октомври.
Инаку, за судбината и вистина на Македонците кои свиле нови гнезда во мултикултурна Австралија се напишани многу новинарски страници и книги, испеани се многу песни и тажни и среќни, одржани се голем број собири, средби… Но, ретко кога човек може да прочита изворни текстови како што се на Душан Ристевски. Неговите новинарски, публицистички и драмски текстови имаат големо значење, бидејќи Душан е директен учесник во настаните меѓу македонските иселеници во Австралија и тоа не како обичен набљудувач, туку како човек кој поминал низ животот и делата на македонското иселеништвото.
Душан Ристевски е роден на 22 февруари 1954 година во Битола. Од 1973 година живее и работи во Сиднеј. Завршил Виша социјална школа, дипломирал на Факултетот по социологија и во 1996 година магистрирал на Факултетот по социологија и хуманистика во Сиднеј. М-р Душан Ристевски е личност која е на распетието меѓу родната земја Македонија и втората татковина – Австралија. Затоа, патот од Сиднеј до Скопје и назад го поминал повеќе пати. Речиси секоја година доаѓа во Македонија, во Скопје, во Битола, во Буково…
Неговата поезија е застапена во повеќе антологии во Австралија, Македонија и Америка. Но, најзначајн е тоа што придонесе Македонското литературно друштво „Григор Прличев”, кое е прво од ваков вид да биде еден од македонските културни светилници во Сиднеј и пошироко.
Душан е автор на стихозбирките: „Полутици” (1984) издадена двојазично на англиски и македонски јазик; „Полутици-Фрагментс” (1989); „Страдалници на сонот” (1992); „Копча” (2001); „Цвеќе-Жена” (2003); „Украдени мисли” (2009) и „Забранета љубов” (2009); драмите „Страв и срам” (2007), „Каменот од Роби” (2018), „Последниот Македонец” (2018); монодрамите: „Мајка”, изведена во Сиднеј и во Прилеп на Театарските игри „Војдан Чернодрински” (1990), „Ченто”, изведена во Сиднеј и Волонгонг (2015/2016), „Неда”, изведена во Сиднеј (1996 и 2016), „Каменот од Роби”, изведена во Сиднеј (2018), „Тага за југ”, изведена во Сиднеј (2019); драмите: „Страв и срам” (2008), „Мр Балкан” (ко-автор), (2009-10), „Стари и весели” (2010), „Раскол” (2012), „Остави ја свеќата да гори” (2012), „Борење со мечка” (2013), „Ограда” (2014), „Доктор Жими Мајка” (2015), „Куферот” (2016), „Баба се мажи” (2016), „Сонце мое” (2017), „Последниот Македонец” (2018), „Баба бегалка” (2019), сите изведени од Австралиско македонскиот театар од Сиднеј.
Една од најзначајните македонски асоцијации во Сиднеј и пошироко е, секако, Македонското литературно друштво „Григор Прличев”. Тоа е прво литературно друштво од таков вид во дијаспората. Друштвото е формирано на 31 март 1978 година од група ентузијасти и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, литературата и културата. Душан Ристевски беше првиот избран претседател на Друштвото, во кое се зачленети вљубеници на убавиот македонски литературен јазик, во поезијата и прозата, во публицистиката и новинарството, во зближувањето на македонските доселеници, коишто се активни на полето на литературата.
Друштвото „Григор Прличев” со неколку илјади книги, списанија и други материјали, организира конкурси за најдобри литературни творби, и има богата издавачка дејност на дела од македонските доселеници. Тие се чувари на сè она што е македонско и се продолжувачи на културните вред­ности на македонскиот народ од сите делови на Македонија во дијаспората.
Сите активности на полето на литературата и театарот на Душан Ристевски придонесоа тој да стане член на Друштвото на писателите на Македонија од 1988 година, член на Здружението на новинарите на Македонија од 1989 година и член на Македонското научно друштво од Битола.

С.К.

Останати вести