“Да се собереме пред да не соберат“!

19. “ЗЛАТНА БУБАМАРА НА ПОПУЛАРНОСТА”

Првата реченица на актерот и водител Сашко Коцев на овогодинешното шоу на “Златна бубамара” беа: “Имам две сценарија, ако дојдат само вмровци едно, ако е мешано друго… Башка во жолто одело сум па ако фрлаат јајца нема да се познава, ама ако фрлаат цигли ќе биде з**бано…” 

Деветнаесеттата по ред манифестација “Златна бубамара на популарноста” беше најпосетена досега, бидејќи се одржуваше во големата Метрополис арена (првата хала на Скопскиот саем). Па и таму немаше каде игла да се фрли од публика.
Фокусот на овогодишните шеги на манифестацијата беше актуелната политичка состојба во државата која трае речиси цела година, како и настаните што оставија белег во општеството во изминатиот период. Паднаа шеги на сметка на „гласачите” од Пустец, за претседателот Ѓорѓе Иванов, за новата техничка Влада, за загадениот воздух, за Ноне, за Тајзи, за Панчо и Андреј од ДНК и за уште многу други.
Игор Џамбазов доби награда за трајни вредности, а домаќинот на „Бубамара”, Сашко Коцев, во негов стил се пошегува: “Тоа ти е брат. Прво за трајни вредности, па за животно дело, па готов си”. Тамара Тодевска, Дани Димитровска, Нина Дејан, Драган Спасов-Дац, Гораст Цветковски и младите актери Атанас Атанасовски и Тино Костадиновски заедно со гитаристот Гуру Харе ги испеаја најголемите хитови на Џамбазов. Интересна симболика беше што наградата му ја врачи неговиот доктор, кардиохирургот Жан Митрев.
“Не дај боже Игор да ти е во болница на одделение. Сестрите се насмеани, а телефонот ѕвони сто на час”, рече Митрев. Џамбазов кој напишал стотици песни за други, за прв пат испеа песна која ја напишал за себе, во која многу искрено го раскажа својот бурен живот. На музиката од My Way на Френк Синатра, Џамбазов испеа стихови со кои го опиша сопствениот живот:
“И бев пијан и луд, среќен и горд на моите гени. Со страст патував сам, пишував блуз и љубев жени. И знам, ќе внимавам и после сe да бидам добар. И за малку му избегав на мојот гробар.”
Шампионка по број на “бубамари” беше Тамара Тодевска: пејачка на годината, концерт на годината и албум на годината. Во друштво на српската група “Фрајле”, Тамара ја испочитува музичката легенда Дејвид Боуви, пеејќи негова песна.
Музички бум приредија кларинетистот Исмаил Лумановски во дует со Влатко Стефановски, заедно со Џамбо Агушев и дел од оркестарот на “Љубојна”.
Ништо помалку вреден не беше ниту настапот на “Љубојна”, која српските рокери “Ван Гог” ја нарекоа светска група. “Љубојна” се наградени за етно група на годината.
Панчо од ДНК, примајќи ја наградата за група на годината, се пошегува дека 19 години го подмитувале радио”Бубамара” со по 1,000 евра за награда за годинава конечно да ја добијат.
Од музичките награди, Џамбо Агушев е прва труба на Македонија, Исмаил Лумановски маестро на годината, браќата Тавитјан со награда за интернационален успех. Од актерските: “Мајсторот и Маргарита”за најдобра претстава, Тања Кочовска со урнебесно шоу ја прими наградата за актерка, Петар Мирчевски за актер, а Жарко Димоски за најдобар млад актер на годината.
“Во недела попладне”, “Зевзекманија” и “Визита” на Билјана Дебарлиева се прогласени најдобри ТВ-емисии, како и детската серија “5+ Фамилија” која доби награда и за рекордната посетеност на 21 концерт во МНТ.
Дуетот Селимова-Желчески ја добија својата прва награда, по 53 години на сцената – за животно дело.

Останати вести