Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски, стана нов балкански шампион на 3.000 метри трчање во сала. На Балканското првенство во затворен простор (спортска сала), кое се оддржа во Истанбул, главниот град на Турција, Ивановски освои златен медал.
Тој беше доминантен во својата трка, оставајќи го вториот натпреварувач скоро 7 секунди зад него. Ивановски до златниот медал стигна со време од 8:03:95 минути.
Ова не е прв медал за Дарио Ивановски од балканските натпреварувања, но значајно е да се потенцира дека ова е прв златен зад неговото име.
На Балканското атлетско првенство во сала во Истанбул настапуваат над 250 атлетичари од 22 држави.
Се разбира дека ова може да биде мотивација плус пред настапот на претстојното Европско првенство кое ќе се одржува идниот месец од 4-ти до 7-ми март во Полска.
Дарио: Бев опседнат да освојам балканско злато
Златниот медал на Ивановски е прво злато на балканијадите за Македонија по две децении пост. Претходно балкански првак беше Ване Стојанов на Балканијадата 2002, кога освои злато на 800 метри.
Ивановски не го криеше воодушевувањето од новата титула и за “Слободен печат” по освојувањето на златниот медал изјави:
– Чувството да се разбудиш како балкански првак е неискажливо. Се разбудив со полн спокој во душата, сфаќајќи дека сонот ми станал реалност. Во „архивата” ми недостасуваше отсјајот на златото (од балканските првенства н.з.). Буквално бев опседнат да стигнам до него – вели Ивановски.
Од претходните балкански шампионати тој има сребрен медал од балканијадата во сала од 2019 година, и бронза истата година на БП во крос кое се одржа во Беране, Црна Гора. Третиот медала (сребрен) го освои во Правец пред три месеца на балканското првенство на пат.
– Следен предизвик ми е Европското првенство во Полска. Целта ми е таму да стигнам до финалето во дисциплината 1.500 метри. Потоа ќе се одморам неколку дена и ќе започнам со подготовките за Олимписките игри во Токио – вели Ивановски.
