Името се даде бадијала, па дури и тоа ни е за џабе
Дали ја знаете разликата помеѓу зборовите “бадијала” и “за “џабе”? Во Македонија велат школувањето на факултет е бадијала (за мали пари) ама потоа се ти е “за џабе” (бесполезно, за ништо не можеш да го употребиш).
Состојбата во која се наоѓа Македонија на меѓународен план не потсети на оваа споредба. Уште повеќе по последниот потег на американскиот претседател Доналд Трамп кој почна да ги повлекува своите војници од Германија, откако повеќепати спомнал дека според него НАТО е само беспотребен трошок за САД. А без Американците Алијансата не вреди ни пет пари.
Дали премногу доцна Македонија стана дел од заштитниот чадор на НАТО, семејство со 30 нации и речиси една милијарда луѓе. Сега кога македонското знаме едвај неколку месеци е развиено на јарболот пред седиштето на Алијансата во Брисел (и две други команди) заедно со останатите 29 знамиња се поочигледни се најавите дека потклекнува овој воен сојуз.
Овој “историски успех” за кој, по три децении независност се прифати компромис со Грција да се смени името за да се гарантира безбедноста (за бадијала) – може да биде за џабе!
Се погласни се разликите и несогласувањата на САД со земјите партнери од ЕУ и Турција, а Доналд Трамп со својата самобендисаност има направено толку многу штета во односите со светот што и да не добие нов мандат неговиот наследник ќе има полни раце работа. Со финансиската криза и пандемијата САД станува се послаб, а од друга страна Кина покажува се поголема сила и прашање е кога ќе има нов распоред на силите на теренот.
НАТО не помага за внатрешни проблеми
Но да се вратиме на она што треба да ги загрижи Македонците, а тоа е дека не треба да имаме илузии дека НАТО воопшто ќе може да не заштити од големоалбанските апетити. Се разбира, доколку ослаби НАТО ќе има и прераспределување на силите на Балканот и повторно израмнување на сметките и нови сојузи во кои нема никаква гаранција за сигурност на било кој што не е спремен сам да си ги брани границите и суверинитетот.
НАТО не ни помага ни за надвор
Слична приказна е и бугарската уцена за влез во ЕУ, во време кога оваа заедница станува морално и финансиски банкротирана.
Наместо државата да коленичи и да се понижува со бесмислени уцени во надеж дека божем утре ќе почне да тече мед и млеко и силни пари од фондовите на Европа, треба да се гледа на подолга патека и да се засукаат ракавите и да се работи. Никој не сака членка која е неспособна самата да си обезбеди финансиска стабилност да им биде социјален товар. Освен тоа тие веќе и немаат пари да дадат на друг – се е исцицано од претходните социјални случаи како Грција, Бугарија, Хрватска, Романија итн.
Дали некој има ставено прст на чело да размисли зошто Британија излезе од тој сојуз. Сега веќе има силни најави (по себичното однесување за време на пандемијава) дека и Италија размислува “да ги спакува куферите”. Франција е во сериозна финансиска криза веќе неколку години и постојано има социјални немири, а Германија (која влезе во рецесија) нема намера да ги финансира останатите бадијалџии во ЕУ.
Не ја викаат за џабе Европа и земјите во неа без причина “стара ороспија”, многу од членките во ЕУ имаат секогаш план “Б” во секој момент. За жал само во Македонија никогаш нема план и ни продаваат џиџи-миџи за нашата иднина.
Со нашата среќа, дури и ако еден ден Македонија успее да “влезе” во ЕУ (само после исполнувањето и на условите од Бугарија, кои се уште погнасни од оние на Грција), тоа ќе биде на неколку месеци пред таа “стара ороспија” да се распадне.
А што ќе се случи дотогаш со НАТО? Секако ќе постои некаков облик на воено-политички сојуз на Западот контра Русија и Кина, но не знаеме во кој облик. И Македонија сигурно нема да ја прашаат за тоа, особено откако соседите преземаа да ни го штитат и небото. Следно што ќе дојде ќе биде понудата на некакво застарено вооружување кое Македонците ќе го откупат по “поволна цена”.
Ќе ни ја продадат пословичната кубура – знаете, онаа што Македонците од приказните ја носеле во појасот “за не дај боже”. Демек, да имаме и ние со што да се браниме ама никогаш да дојде правиот миг за да ја искористиме за своја одбрана. Зашто нашето трпение (или нашата кусогледост) е бесконечно!
Со Грците не касна змија, а сега не знаеме од која страна ќе не ни се закачи магарето. Па си траеме и си чекаме!