Минатиов петок во просториите на Македонската Православна Општина за Мелбурн и Викторија (МПОМВ), во име на викторискиот министер за мултикултурни работи Робин Скот, пратеничката Бронвин Хафпени, која е избрана за подрачјето на Томастаун, објави дека владата на Викторија дава финансиска поткрепа од $375,000, за изградбата на Македонскиот културен центар.
Соопштението беше поздравено со голем аплауз од страна на насобраните членови на МПОМВ. Оваа донација е остварена благодарение на големото залагање на пратеничката Хафпени и повеќегодишната неуморна работа на управата на чело со претседателот Мирчо Ангеловски, кои професионално ја подготвија документацијата и го изведоа процесот на вистински пат. Досега нашата заедница во Викторија нема добиено ваков грант со толку голем износ и можеби тој е своевиден рекорд.
Управата на МПОМВ предвидува новиот двоспратен културен центар да биде опремен со приемна сала, библиотека, неколку канцеларии, амфитеатар за предавање/кино сала, радио студио и музеј.
Во краткиот говор после објавувањето на оваа донација од Владата на Викторија претседателот на МПОМВ, г. Мирчо Ангеловски, изјави:
„Идејата е да се задоволат различните културни потреби на македонската заедница. Ние веруваме дека овие нови простории ќе допринесат кон создавање на една конструктивна културна креативност, особено за младите во нашата заедница, и нивниот развој како одговорни австралиски граѓани.
Неопходно е да се одржува заедницата за да се одбегнат опасностите на отуѓување кои постојано се присутни во секој современ град. Згора на тоа, такви објекти им недостасуваат на северните предели на Мелбурн. Затоа, ќе овозможиме нашиот нов културен центар да биде достапен за користење од страна на пошироката австралиска јавност како и за другите етнички групи. Во заклучок, би сакал да изразам една голема благодарност до министерот Скот за неговата предвидливост, а исто така и до Бронвин Хафпени, нашиот локален член на викторискиот парламент, за сите нејзини совети и континуирана поддршка.”
Македонската заедница во Викторија има дадено значаен придонес во социјалниот, културниот и економскиот живот на нашата држава, и јас сум горд што можам да соопштам дополнителна финансирање за иницијативите за зачувување и промоција на културата. Со заедничка работа со локалните заедници, ние ја градиме Викторија во која сите припаѓаме, се чувствуваме прифатени и можеме слободно да партиципираме и да придонесуваме, вели министерот за мултикултура Робин Скот во својата изјава. Тој ја има посетено Македонија во 2011 година.




