Зоран Ставрески поднесе оставка поради здравствени причини

Министерот за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески поднесе оставка од двете функции поради здравствени причини.

“Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, поради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија”, пишува Ставрески во оставката.
Во писмената оставка доставена до Владата, тој се заблагодари и на плодната и професионална соработка со поранешниот премиер Никола Груевски.
“Со него имав одлична соработка и голема поддршка. Заеднички со него и со другите колеги од Владата направивме економски резултати за Македонија како никогаш досега, признаени и потврдени од најзначајните меѓународни финансиски институции”, вели Ставрески во оставката.
Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев изјави:
“Причините се наведени во текстот на оставката и ние тоа го разбираме и почитуваме. Владата истакнува огромна благодарност до вицепремиерот за неговата работа, ангажаманот и придонесот кој тој го остави во реализација на владините мерки, програми и политики за што сведочат неговите извонредни резултати. Му посакуваме пред се добро здравје и надминување на предизвиците со кои се соочува, а Владата секогаш ќе остане отворена за соработка со личност каква што е тој”, изјави Ѓорѓиев.
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, во писмената оставка наведува дека ја напушта функцијата поради здравствени причини.
Зоран Ставрески беше министер за финансии и вицепремиер во Владата на Груевски од нејзиното формирање во 2006 година. Претходно работеше во САД, во Светска банка. Ставрески му беше венчален кум на премиерот Никола Груевски, а заедно со екс-министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска учел во основно училиште.
На местото на Ставрески нов министер за финансии ќе биде Кирил Миновски, досегашен прв човек на УЈП.

Останати вести