Зошто бегалците не заминуваат во Јордан и Саудиска Арабија?

Менаџирањето со кризата оди тешко, а дополнително се очекуваат нови бранови на бегалци кои сега се сместени во Турција, а поради законските ограничувања не можат да побараат азил во амбасадите на земјите на ЕУ туку мора да се на нивна територија кога ќе го сторат тоа.

Многу прашина се дигна околу нивното доаѓање на стариот континент како од економска гледна точка т.е. дека ќе ги исцрпат ионака ослабените буџети од економската криза така и од демографска гледна точка се појавија стравови за менувањето на сликата на Европа.
Едно од најпоставуваните прашања е зошто бегалците доаѓаат во претежно христијански земји во кои се води различен начин на живот наместо да побараат засолниште во соседните земји кои се муслимански и културолошки поблиски на нивниот менталитет.
Одговорот не е едноставен. Иако земјите се географски блиски и со исто религиозно мнозинство претпоставката на прашањето е дека постои универзално муслиманско единство. Таа претпоставка многу лесно се руши со самиот факт дека бегалците бегаат од војна во која на двете страни се наоѓаат муслимани. На Блискиот Исток постојат многу поделби на муслиманите на различни религиски учења што за некои може да биде опасно па дури и смртоносно ако се припадници на малцинска заедница. Па затоа бираат да заминат во земји во кои би били ослободени од овој проблем.
Сепак мора да се напомене дека не е точнo тврдењето дека бегалците нe заминуваат во земјите на Блискиот Исток. Така според податоците Турција досега има примено скоро два милиони бегалци, Либан милион и сто петнаесет илјади, Јордан околу 650.000, во Ирак има 250.000, Египет 130.000 и земјите од северна Африка околу 25.000.
Тоа се скоро четири милиони и двеста илјади бегалци кои се наоѓаат на земјите од Блискиот Исток и северна Африка. Мора да се напомене дека ова се официјалните регистрирани бегалци. Богатите земји како што се Катар и Саудиска Арабија имаат строги, скоро невоз можни барања за азил и државјанство. Истите стандарди важат за бегалците како и за хонорарните работници кои доаѓаат од целиот свет, а не можат да се надеваат дека некогаш ќе станат граѓани на тие држави. Во основа овие држави го штитат своето богатство со таквите закони. Дополнителен проблем е и тоа што скоро сите држави од регионот ставија забрана за влегување на сиријци на нивната територија уште во 2011-та.

(“Think.mk”)

Останати вести