Колонијалната историја на Франција и воениот ангажман во борбата против муслиманите во странство укажуваат на подлабоки причини за убиствените напади.
Почнувајќи од јануари 2015 година, напаѓачите кои биле под влијание на Исламската држава убија 235 луѓе во Франција, што е далеку најголема бројка на терористички жртви во западниот свет.
Огромното мнозинство на овие напади, од кои повеќето биле самоубиствени, биле изведени од државјани на Франција или странци кои зборуваат француски и законски престојуваат во земјата.
Претседателот Франсоа Оланд изјави дека Франција им е главен непријател во Европа, бидејќи неговата земја има репутација на лулка на човековите права и демократијата.
Аналитичарите се согласуваат со тоа, но напомнуваат дека колонијалната историја на Франција, демографските тензии и интервенционистичката политика во борбата против муслиманите во странство укажуваат на подлабоки причини за убиствените напади.
Франција е европска земја со најголем број муслимани – повеќе од пет милиони од вкупно 66 милиони луѓе, а има наследство од колонијалното владеење во големи делови на Африка и на Блискиот Исток. Повеќето од нив што израснале зборувајќи го францускиот јазик, покрај арапскиот, се најголемиот дел од жителите на најсиромашните и најизолирани квартови во француските градови.
Француски војници и специјални сили и денес се во повеќето муслимански области на поранешните колонии, се борат со милитантите во Африка, кои се поврзани со Исламска држава (ИСИС), што дава поттик за одмазда на француска почва. Француски борбени авиони се веќе речиси две години во меѓународната коалиција која води офанзива против Исламската држава во Ирак и Сирија.
Претераното француско инсистирање за зајакнување на интеграцијата во секуларното општество постојано ги поттикнува тензиите со муслиманското малцинство, што драстично беа зголемени по одлуката во 2010 година за забрана на носењето превез преку лицето, и онаа од 2004 година за носење шамија во училиштата.
Франција страдаше од тероризам зачнат во Алжир во втората половина на 1950-те години од минатиот век, кога Франција водеше војна да ги задржи своите главни поседи во Северна Африка. Франција се повлече од Мароко во 1955 година, од Тунис во 1956 година и од Алжир во 1962 година.
Но, таму (во тие земји), исто како и во Западна Африка, каде што француската финансиска и воена моќ и понатаму ги поддржува пријателските влади, Франција никогаш не престана со своето влијание, задржувајќи многу подиректна улога од Велика Британија, на пример, во земјите од нејзината поранешна империја.
Француското воено влијание во поранешните африкански колонии кои се загрозени од исламскиот екстремизам, значително се зголеми со претседателството на Франсоа Оланд. Француските сили интервенираа во Мали, во 2013 година, а и денес се во поголемиот дел од Западна Африка.
Не е изненадувачки, велат аналитичарите, што повеќето од сегашните напаѓачи во Франција имаат семејни врски во Северна и Западна Африка, а не на Блискиот Исток.
Синови и ќерки на овие имигранти од Африка сега одговараат на повиците за регрутација од Исламска држава во процентот без преседан во другите европски земји. Се проценува дека 1.000 Французи главно со африканско и муслиманско потекло отпатувале во Сирија или биле фатени кога се обиделе да се приклучат на силите на Исламската држава во Сирија – уште еден поранешен посед на Франција, кој почна да зоврива пред пет години.
Одговорот на Франција на масакрот во Ница беше да повика неколку илјади резервисти од полицијата и војската како дополнителна помош на повеќе од 100.000 луѓе во безбедносните сили кои патролираат по улиците и на границите. Претседателот Оланд, исто така, вети дека ќе испрати повеќе воени советници и артилерија во борбата против Исламската држава во Ирак и Сирија.
Некои аналитичари сметаат дека францускиот воен ангажман игра клучна улога и е мотив муслиманското население да одговора на повиците на терор на Исламската држава.
(БЕТА)
Валс ќе забрани странски финансии за изградба на џамии во Франција
Францускиот премиер Мануел Валс изјави дека е отворен за привремена забрана на странско финансирање за изградба на џамии, по серијата напади во Франција, за кои одговороста ја презедоа џихадистите.
Валс во интервју за весникот „Монд” неколу дена по џихадистичкиот напад врз свештеникот пред олтар во црква, што ги разбуди стравувањата од верски тензии во секуларна Франција, изјави дека неговата земја мора да воспостави „нови односи” со исламот.
– Мораме да ги ресетираме и да осмислиме нови односи со исламот во Франција – рече Валс, додавајќи дека е „отворен кон идејата дека во текот на периодот кој треба да биде одреден, не би тебало да има странско финансирање за изградба на џамии”.
Валс исто така рече дека имамите треба да се обучуваат во Франција, а не на друго место.