Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа „за” негираат дека биле поткупени, велат дека гласале според свое убедување и додаваат дека се 24 часа под полициска заштита поради заканите кои ги добиваат.
Рамчиловиќ: Ја донесовме одлуката без притисоци, се останато е шпекулација и клевети
Пратеникот (исклучен од ВМРО-ДПМНЕ) Зеќир Рамчиловиќ, уверува дека одлуката ја донел без притисоци.
– Наместо да се разбудиме во еден почеток на хаос, Македонија се разбуди со почеток на решавање на кризата. Тоа се вистинските причини за гласањето и нашата одлука е последица на таквите напори донесена без никакви притисоци од било кого туку како наша слободно изразена волја врз основа на политичката одговорност која ја имавме во овој судбоносен момент за нашата држава. Сето останато се шпекулации и смислени клевети кои нема да поминат несанкционирани – изјави Зеќир Рамчиловиќ.

Василевски: Гласав за да ставиме крај на поделбите меѓу патриоти и предавници, меѓу Македонци и Албанци
Сашо Василевски, пратеникот исклучен од ВМРО-ДПМНЕ, објаснува зошто гласал спротивно од ставот на партијата.
– Јас со чиста мисла и со храброст и со сите аргументи одлучив Македонија да го има единствениот пат кон евроинтеграциите. Иднината за нашите семејства, за нашата држава и за нашите перспективи како Република Македонија, еднаш засекогаш да ставиме крај на поделбите меѓу патриоти и предавници, меѓу Македонци и Албанци. Ние сме едно семејство, кое треба да чекори заедно кон ЕУ и НАТО интеграции, со полна поддршка на нашите пријатели од Вашингтон – вели Василевски.

Исмајлоска-Старова: Не се каам што гласав за уставни измени
Пратеничката (исклучена од ВМРО-ДПМНЕ) Нола Исмајлоска-Старова вели дека не се кае што гласала за отпочнување на процесот за уставни измени, а најголема поддршка, како што вели, добила од сопартијците.
– Гласав за отворање на Уставот токму за да придонесам кон подобрувањето на решенијата, а со тоа и да помогнам за процесот. Постапив според сопственото уверување. Не сум загрижена за својата безбедност, особено не, бидејќи постојано добивам поддршка од граѓаните, меѓу кои моите сопартијци се најбројни. Во политиката, како најважен дел од животот на народните избраници, има моменти во кои мора да се донесат и тешки одлуки, вели Исмајлоска-Старова.

Александрова: Тешко ми е што ме исклучија од ВМРО-ДПМНЕ, но ги повикувам колегите да ни се придружат
– Одлуката беше тешка навистина, свесни за сериозноста на ситуацијата како во државата така и во политиката и какви се бранувањата таа ќе направи посебно во мојата партија. Но јас и моите колеги цврсто веруваме дека тоа што дадовме шанса е правиот пат по кој треба да се движиме, нормално уште еднаш да напоменам со прифаќање на нашите услови, вели пратеничката од Берово Емилија Александрова.
Како пратеник од ВМРо-ДПМНЕ само три дена претходно Александрова од собраниската говорница ја обвини власта дека ја урнисува правната држава и дека сака да го урниса и Уставот.
– Никаде во вашата програма немате дека ќе го менувате името и Уставот и немате мандат да го менувате уставното име на Репубика Македонија, и порача пратеничката Емилија Александрова од ВМРО – ДПМНЕ на пратеничката Соња Мираковска од НСДП.