Минатава сабота се одржаа големи протестни собири низ Австралија, како подршка за она што се случува во САД и за поголема свест кон Абориџините во Австралија. Полицијата изјави дека „генерално е задоволна” од однесувањето на толпата, за која се проценува дека во Мелбурн броеше 10,000 луѓе а во Сиднеј 15,000.
Вакви демонстрации се одржаа и во другите градови, вклучувајќи ги Аделаид, Бризбен, Перт и Канбера, и се фокусираа на загрозените права на Абориџините во Австралија и непропорционалниот број на Абориџини во затворите во земјата. Во последните некоку години во затворите умреле дури 400 Абориџини.
Како што протестот завршуваше, полицијата на Викторија издаде соопштение во кое се вели дека секој од организаторите ќе биде казнет со парична казна од $1.652 долари за кршење на упатствата на Главниот директор за здравство.
Премиерот на Викторија Даниел Ендрус претходно изјави дека полицијата донела „тешка одлука” да се дозволи протестот за да не се „запали” ситуацијата.
Еден од организаторите, Мерики Онус од “Warriors of Aboriginal Justice”, рече дека казните се „разочарувачки” и дека полицијата не треба да казнува.
Во Викторија на сила е ограничување до 20 лица на собирите на отворено, а во петокот заменик-комесарот Шејн Патон предупреди дека организаторите би можеле да бидат казнети доколку настанот ги прекрши директивите за време на пандемија.
Лидерот на опозицијата Мајкл О’Брајан го критикуваше премиерот Ендрус за испраќање мешани пораки за протестот – најпрво велејќи дека треба да им се дозволи да протестираат, но подоцна ги повикуваше да не присуствуваат на настанот.
– Премиерот требаше да биде на чисто уште од првиот ден дека не е безбедно да се соберат во голем број, рече О’Брајан.
– На жителите на Викторија им е кажано не собирајте се на свадби, не собирајте се за погреби, работете од дома, но премиерот сега даваше мешани пораки за протестниот марш и затоа ја гледаме толпата што се собра денес, рече тој.
– Навистина е разочарувачко што немаше други, побезбедни начини да испратите моќна порака за ова прашање, рече тој.
Ден претходно, во петоко Врховниот суд во НЈВ го забрани протестот против полициска бруталност и расизам во Сиднеј, истакнувајќи дека претставува здравствен ризик поради епидемијата на коронавирусот. Оваа забрана беше побарана од полицијата на Нов Јужен Велс, но кога и во саботата полицијата побара иста таква забрана, судската одлука за протестот се смени, и таму се собраа илјадници луѓе во знак на солидарност со демонстрантите во САД кои протестираат поради смртта на Џорџ Флојд при полициското апсење.
Вечерта околу 100 млади демонстранти се судрија со полицијата во подземното метро кај Централната станица во Сиднеј.
Австралискиот прајминистер Скот Морисон го критикуваше планот за одржување на протестот и порача јасно: „Не одете”.
– Ајде да најдеме друг начин да ги изразиме своите чувства, а не да го ризикуваме нашето здравје и здравјето на другите, истакна Морисон. – Толку многу жртвувавме за да ја ставиме заразата под контрола и да избегнеме пандемија што се случи во другите земји.
Зошто ни беа преку 100 денови карантин и се уништија толку многу бизниси? Секој живот е вреден и тоа сите јасно го знаеме во Австралија. Прашање е што ќе правиме кога утре присутните од овие собири ќе бидат извор на зараза низ целата земја. Дали се свесни колку е тешко за многу семејства да сврзат крај со крај поради рестрикциите што беа воведени за справување со пандемијата и дека ќе биде уште потешко ако се создаде повторно причина за нов карантин.
Најмалку што треба е секој од присутните да добие казна за непочитување на рестрикциите кои се воведени и за нивното здравје, што очигледно самите не го ценат, но проблем е што потоа некој друг ни крив ни должен ќе настрада.


