Автопатот Кичево-Охрид ќе биде готов до крајот на 2023 година, отстапки повеќе нема да има, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при неговата посета на Охрид. Досега, како што кажа, се изградени над 65 % (па толку беше и кога се смени власта во 2017!?), средства има и останува изведувачите да продолжат со градба и да ја завршат работата.
– Важно е дека државните процедури кои требаше да ги завршиме се при крај. Министерството веќе одобри 70 инфраструктурни проекти кои продолжија понатака во институциите. Министерството за земјоделство веќе работи за пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно, се работи и на имотно-правни работи, на експропријација на парцели. Сега останува на изведувачите, на механизацијата да излезе на терен и оваа градежна сезона да завршиме најголем дел од автопатот, секако и наредната за да на крајот од 2023 година автопатот биде пуштен во употреба, рече Бочварски.
Министерот Бочварски не знаеше дали за автопатот ќе требаат дополнителни средства оти имало зголемување на цените на материјалите, но вели дека активните договори со изведувачите мора да се почитуваат.
Автопатот Кичево-Охрид почна да се гради во февруари 2014.