Кина треба да ги укине санкциите кон Австралија за да ги подобри односите, рече австралискиот прајминистер Ентони Албанесе, откако ги поздрави како „добра работа“ првите разговори меѓу министрите од двете земји по речиси три години.
Кина е најголемиот трговски партнер на Австралија и најголемиот клиент за извоз на железната руда, но дипломатските односи беа затегнати во последниве години.
При наметнувањето на своите санкции Кина наведе 14 поплаки до Австралија, почнувајќи од нејзиниот повик за меѓународна истрага за потеклото на коронавирусот, забрана за кинескиот телекомуникациски гигант Huawei да изгради мрежа 5G и проверка на странските инвестиции за национални безбедносни ризици.
„Кина е таа која воведе санкции кон Австралија. Тие треба да ги отстранат санкциите за да ги подобрат односите“, изјави Албанесе за новинарите во Бризбејн.
Поранешната влада на Австралија ги опиша санкциите на Кина за земјоделските и енергетските производи како „економскa уцена“. Во услови на долгогодишно дипломатско замрзнување, австралиските министри не можеа да договорат разговори со кинеските колеги.
Но, новиот министер за одбрана на Австралија, Ричард Марлс, се сретна со својот кинески колега, Веи Фенг, на маргините на безбедносната конференција во Сингапур, при што Марлс го опиша нивниот едночасовен разговор како „важен прв чекор“.