Прајминистерот Албанезе во изрежиран настан за камерите им се придружи на илјадниците луѓе кои маршираа низ главниот град на Квинсленд заедно со премиерката Анастасија Палашчук на прославата за Денот на трудот во државата. Со транспаренти дека работниците гласаат “Да за Гласот на парламентот”.
Групите на синдикатот беа пречекани од демонстранти на предлогот на Албанезе до парламентот за референдум и создавање “Глас на парламентот за Абориџините”.
Со овој амандман на Уставот во федералниот парламент би се создала советодавна комисија од 21 човек за Глас на Абориџините и островјаните од Торесовиот Теснец, кој ќе дава мислење за сите прашања што ги засегнуваат луѓето од домородните народи.
Сепак има длабоки поделби во австралиското општество за создавање ново законодавно тело и како тоа ќе влијае врз демократијата. Критичарите тврдат дека домородните народи веќе се претставени во парламентот – сега има 11 пратеници што ги претставуваат домородните луѓе, што е 4,8% од парламентарниот кворум. Голем број Абориџини и луѓе од островите во Теснецот Торес заземаат водечки позиции ширум австралиското општество, вклучувајќи ги правосудниот систем, политиката, уметностите и спортовите.
Воведувањето на “Глас на парламентот“ би можело да дејствува како трет дом на парламентот и потенцијално да става вето на закони, иако владата го отфрла тоа.
Дури ни кај домородците нема едногласност кога станува збор за “Гласот на парламентот”.
Многу домородни Австралијци нагласуваат дека никогаш не го отстапиле својот суверенитет на земјата и стравуваат дека признавањето во Уставот може да доведе до тоа. Други тврдат дека тоа е симболичен гест и дека парите може подобро да се потрошат за поконкретни решенија.
Австралија ќе гласа кон крајот на 2023 година на референдум за ова прашање.