Арбр Адеми викаше и фрлаше предмети кон пратеници

Македонската јавност се вознемири откако ги виде снимките направени за време на седница на Комисијата за европски прашања на кои нејзиниот претседател Арбр Адеми (ДУИ) бесно и агресивно се однесува кон пратениците на опозицијата.

Од видеото се гледа како доаѓа до расправија помеѓу Адеми и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса, кои реагираат доаѓајќи пред претседателската маса, незадоволни од начинот на водењето на седницата. Индицентот почнал кога Адеми констатирал дека е усвоен дневниот ред, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците реагирале дека имаат предлози за дополнување… Пратеничката Дафина Стојаноска му го исклучува озвучувањето на Адеми а веднаш потоа Антонијо Милошоски го грабнува и го спушта микрофонот. Адеми не издржа, па силно му ја удри раката на Милошоски за да го пушти микрофонот, продолжи да вика, а во еден момент го дофаќа филџанот за кафе пред себе и ги фрла погодувајќи го пратеникот Елми Азири од Алијанса во образот. Потоа се заканува дека ќе ја фрли и тацната од шолјата. На крајот го зема пластичното шише со вода до себе и гневно го треснува од масата.

Две пратенички од ДУИ се обидуваат да го смират, во еден момент му ја гледаат десната рака на која изгледа има исеченица и крв (од тегнењето на микрофонот со Милошоски).

Собраниското обезбедување не реагира веројатно бидејќи нема физички контакт помеѓу пратениците.

На крајот пратеничките од ДУИ го убедуваат Адеми да излезе од салата.

Инаку, на седницата на КЕП треба да се одреди дали ќе оди со европско знаменце предлогот на Министерството за труд – работиот век на 60 судии и 13 обвинители да се продолжи до 67-годишна возраст, поради тоа што со законот за пензионирање на 64-годишна возраст се смета дека ќе има недоволен број од овие функционери за едно ефикасно правосудство. Според опозицијата ова е уште еден обид на мала врата да се протурка опстанок на провладините судии и обвинители.

Партиските реакции – небаре објави на војна

По повод инцидентот на КЕП, од ВМРО-ДПМНЕ се огласија дека насилие, физичка пресметка, недоличен речник е вистинската слика за криминалната власт на СДСМ И ДУИ.

Од друга страна ДУИ и СДСМ координирано објавија соопштенија во кои “најостро го осудуваат насилството што го извршија пратениците на ВМРО ДПМНЕ заедно со пратениците на Алијансата за Албанците“!? И од двете партии велат дека “секогаш кога тема на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство со цел да го заштитат криминалот и секогаш се појавуваат против правилното функционирање на правосудниот систем… Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат“.

Пратениците на Алијанса за Албанците лично беа засегнати од инцидентот. Пратеникот Снопче беше навреден од Арбр Адеми а Азири погоден од “летечкиот филџан“.

“Цело ова срамно сценарио започна со обидот за продолжување на мандатот на партиските судии и обвинителите од власта, преку шверцување на законот. Откако се спротивставивме, претседавачот Арбр Адеми лично го навреди пратеникот Халил Снопче кој јавно го повика да се извини, но, такво нешто не се случи. Пратеникот Снопче потоа повторно побара процедурална интервенција што беше одбиено и се обиде да го изгласа дневниот ред. Во знак на револт, ние пратениците на Алијанса за Албанците дојдовме на говорницата да го одбраниме нашето право на дискусија и да го спречиме шверцувањето на законот. Потоа следеше срамот кој го виде целата јавност, насилство и вандализам на координаторот на ДУИ.

Ова не е прв пат да прават вакви насилни сценарија за да го сокријат криминалот, корупцијата и заробеноста на државата“ – стои во објавата од АА.

Адеми жали за инцидентот

Следниот ден во изјава за „Слободен печат“ Арбр Адеми изрази жалење за инцидентот, но вели дека настаните биле испровоцирани од опозицијата. „Тоа не требаше да се случи… Станува збор за закон кој овозможува владеење на правото и затоа опозицијата сакаше да го оневозможи неговото донесување. Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од било кој друг. Жалам за ваквите сцени“, рече Адеми кој во владата на Зоран Заев беше министер за образование.

Во тоа време беше назначен и за доцент на Тетовскиот универзитет што е противзаконски и на што реагираше образовниот инспектор (кого го пратија во пензија поради тоа).

Останати вести