Македонија одбележува 30 години од своето членство во Организацијата на Обединетите нации, кога на 8 април во 1993 година со акламација во Генералното собрание беше примена за 181. Полноправна членка на светската организација, врз основа на резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ОН од 7 април 1993 година. Во мигов во ОН има 193 држави-членки.
Тоа беше исклучително важен чин за македонската историја бидејќи за првпат се потврди меѓународноправниот субјективитет на државата на Македонците а по изразената референдумска волја на 8 септември 1991 година за самостојна и независна Македонија.
Сега, 30 години подоцна, Македонија наместо да ја зацврсти својата државност од ден на ден се соочува со предизвици што удираат по темелите врз кои беше поставена македонската држава и се закануваат целосно да ја избришат од светската мапа, заедно со македонскиот народ, неговиот јазик и неговата историја.
Денешните премрежиња го влечат коренот од преседанот што пред три децении го направија Обединетите нации, погазувајќи ја сопствената повелба, во која јасно стои дека секоја земја што сака да стане дел од светското семејство на народи има право слободно да се именува како што самата ќе одлучи и тоа е нејзино неприкосновено право.
За жал ОН, најмногу поради исклучително силниот притисок на Грција, ја погазија сопствената повелба и Македонија беше уценета да пристапи под привремената референца “Поранешна југословенска Република Македонија“, преседан незапаметен во меѓународното право. Таа референца, иако првично требаше да биде за месец-два (според уверувањата на претседателот Киро Глигоров), остана да се провлекува 25 години. Во меѓувреме Република Македонија билатерално беше призната под уставниото име од 131 држава иако под покровителство на ОН за целото време се одвиваа “преговори за разликите во врска со името“ меѓу Македонија и Грција.
На крајот тие резултираа со потпишувањето на Преспанската спогодба, со која земјата се преименува со име со географска одредница, спротивно на волјата на македонските граѓани.
Теоретичари од областа на меѓународното право сметаат дека битката не е загубена и дека Обединетите нации, порано или подоцна, ќе мораат да ја коригираат направената грешка и да ја примат земјата под името што го одбрале нејзините граѓани, но и да се вратат на основните принципи врз кои беа формирани.
За да се случи тоа доволно е само Република Македонија еднострано да се повлече од потпишаниот договор со Грција и да ги извести ОН дека си го враќа претходното име.
И да се избори со сите последици на внатрешен и надворешен план.