Малку се знае дека секој слободен момент го користел да чита на грчки, турски, руски и француски, дека обожавал компот од праски и цреши, дека многу сакал италијанска музика, дека бил одличен пливач и ороводец, дека многу малку јадел, дека секогаш пиел дупло кафе, дека многу убаво пеел…
Историската приказна за несудената љубов помеѓу револуционерот Гоце Делчев и неговата свршеница Јанка Каневче го поттикнала писателот Блаже Миневски да создаде роман со комплексна нарација и структура.
Романите на Блаже Миневски често се движеле на границата помеѓу новинарското истражување и писателската фикција. Самиот е новинар по професија, а прозен и драмски автор по вокација. Во случајот со неговиот најнов роман „Ако се родат некакви чувства“, ги употребил алатките на новинарството во собирањето на фактите, но истовремено со манир на врвен прозаист создал дело со комплексна структура и авторска имагинација.
Неодамна „Клуб Матица“ го промовираше Вашиот најнов роман „Ако се родат некакви чувства“. Со оглед на тематиката и на обемот на содржината, колку време и каков пишувачки потфат беа потребни да се создаде делото?
– На романот за Гоце и Јанка работев, се подготвував и го пишував полни дваесет години. Во тој период истражував во архиви, собирав документи, разговарав со потомци на Јанка Каневче, свршеницата или, поточно, љубовницата на Гоце Делчев, документарно и авторски ги реконструирав нивните средби, интимните чувства, нивните планови, копнежи и соништа. Процесот на работа бараше постојано да се „документира“ авторската имагинација, но и креативно да се реконструираат фактите како верификуван сведок на животот.
Во книгата како прилог се објавени ексклузивни, интимни записи, доверливи извештаи, писма на Јанка до Гоце, факсимили од нејзиниот дневник, досега непознати фотографии од потомците на Јанка од бракот со Михаил Герџиков. Во приказната се преплетуваат автентични сведоштва за Гоце и Јанка, за тајните средби, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите од загубата на саканиот и за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во душата и она што го живее како судбина. Кога сето тоа ќе се затвори во една наративна структура, може да се каже дека „Ако се родат некакви чувства“ не е само уметничка проза, не е ниту зборник, ниту фељтон, ниту историски запис, ниту поема, ниту само реконструкција на една љубов туку сето тоа заедно – магија од чувства што го прават човекот одделно и посебно суштество, а Јанка и Гоце се токму тоа – посебни и особени.
Големата љубовна приказна меѓу нив започнала кога таа имала дваесет и две, а тој дваесет и осум години, и траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Нивната љубов е нашата најголема историска љубов. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на Герџиков, ако тој загине, Јанка да се омажи за него, но само „ако се родат некакви чувства“. Дали се родиле такви чувства е нишката што се провлекува од првата до последната страница на романот.
Делото е со комплексна структура. Како се појави мотивот за пишување на романот?
– Во февруари 1902 година, кога веќе две години биле заедно, а за нивната љубов знаеле само најблиските, Јанка со писмо до весникот „Дело“ ја демантира веста дека Гоце Делчев е убиен. Такви вести во тој период излегувале често, а реакцијата на Јанка е првиот посреден „доказ“ за нивната љубов. На крајот од демантот таа пишува: „Докажете, ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека господинот Гоце Делчев е убиен. Докажете им дека е жив! Ако не сакате, тогаш не ми испраќајте на наведената адреса ништо. И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е, и кој го праќа“. Кога го видов оригиналното писмо, со нејзиниот краснопис (факсимилот е објавен во романот, н.з.), кога го прочитав, веднаш го почувствував и нејзиниот ужасен страв, но и нејзината голема љубов.
Претходно веќе го знаев аманетот на Гоце во врска со неа. Аманетот доаѓа една година по демантот. Пред да замине за последен пат од Софија, Гоце скришум од неа, од својата Јанка, остава аманет за Герџиков, во тоа време негов најблизок пријател: „Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги двете. Ако некогаш се родат некакви чувства меѓу тебе и неа, бидете благословени.“ Токму тука, всушност, почна да се оформува во мене романот како идеја, приказната за животот меѓу стравот и љубовта!
Во меѓувреме требаше да се случи и една моја сосема случајна или, поточно, судбинска средба со правнуката на Јанка, и да поминат уште пет години потоа за да биде романот завршен, докрај комплетиран со спомените што се чувале во семејството Герџикови, и на крајот објавен. Приказната на повеќе нивоа ги следи чувствата како суштина на животот, трансформирајќи ја дилемата „да се биде или не“ во максимата „да се чувствува или да се умре“. Во основа го поставува прашањето дали може да се биде среќен без чувства!
Книжевната критика делото го опишува како „историографска метафикција со автентична структура и раскажувачка постапка“. Какви истражувања направивте за историската основа на приказната во романот?
– Колку што мене ми е познато, за Делчев имаат пишувано повеќе македонски писатели, и тој како книжевно-историски лик, повеќе или помалку одамна е веќе оформен во меморијата на читателите. Ги знаеме и неговите основни карактерни црти, но многу малку знаеме за интимните чувства, за емоциите, за она што го доживувал надвор од историскиот контекст на своето дејствување и живеење. Многу малку се знае дека секој слободен момент го користел да чита, дека без проблем читал грчки, турски, руски и француски книги, дека обожавал компот од праски и цреши, дека исклучително го ценел Гарибалди, блиските го нарекувале „македонски Гарибалди“, дека многу сакал италијанска музика, дека бил одличен пливач и ороводец, дека многу малку јадел, дека секогаш пиел дупло кафе, дека многу убаво пеел… Ја обожавал песната „Кукни кукавице… гроб да ми закукаш“. Често ја пеел и „Жалај ме, Малино моме“.
Иако бил главен оперативец на Организацијата, комита и војвода, до битката во Баница немал ниту една вооружена пресметка, не убил никого во животот. Добил шлаканица од некојси Саракинов на заседание на македонските друштва во Софија, но наместо да му врати со иста мера и да го мрази, тој му простил и го сожалувал. Тука негде треба да се бара основната линија на раскажувачката постапка. Ме интересираа чувствата. Во подготовките за пишување ги истражував историските документи, но уште повеќе ги анализирав и реконструирав чувствата како дел од историјата. Кога веќе сакав да пишувам за значењето на чувствата во историјата, морав да имам став и за влијанието на историјата врз чувствата. Пирамидата на приказната се градеше врз чувствата што го прават животот чудо.
(Интервјуто првично е
објавено во „Слободен печат“ на 20-21.5.2023)