Брзите пруги од Табановце и од Солунќе се спојат кај Гевгелија до 2032 година

Македонија и Грција од следната година ќе почнат со изградба на двоколосечни брзи пруги – од македонска страна почнувајќи од Табановце, а од грчка од Солун со тоа што ќе се спојат кај Гевгелија. Македонија брзата пруга ќе ја гради 5 години и некаде 2031-2032 година би требало да биде завршена. На грчка страна нешто понапред е ситуацијата. Атина-Солун веќе има брза пруга која оди северно од Солун накај Аксиос (Вардар). Од таму до границата со Македонија (до Гевгелија) остануваат педесетина километри.

– Брзата пруга колку што е бенефит за Македонија, многу повеќе е бенефит за Грција, особено што целосно ќе ги отвори солунското и атинското пристаниште кон Централна Европа. Карго возовите ќе возат со 120 километри на час и само во првата година откако ќе се изгради брзата пруга, двете домашни железнички претпријатија се очекува да остварат 120 милиони евра, наспроти сега, кога годишниот приход им е само 12 милиони евра. Истото ќе важи и за грчките пристаништа, што целосно ќе ја промени економијата во целиот овој регион, смета министерот за транспорт Александар Николоски.

Со воз по брза пруга патувањето од Скопје до Солун ќе биде 1 час и 20 минути, а до Атина за не повеќе од 4 часа. Николоски очекува да се потпише петпартитен договор помеѓу Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија за соработка на Коридорот 10.

Брзата пруга во Македонија ќе се финансира од странски заем. Дури 16 меѓународни финансиски институции и комерцијални банки се уште чекаат одговор која од нив ќе биде избран од Министерството за финансии за финансирање на проектот. Меѓуресорска група во Владата веќе три месеци сврши еваулација на пристигнатите понуди. Износот што се бара за реализација на проектот е 1.96 милијарда евра, наместо првично најавените 1.3 милијарди и тој износ ќе треба да го гарантира владината агенција на Обединетото Кралство за финансирање на извозот.

Се уште нема проект, ниту физибилити студија, но според примери на изградени двоколосечни пруги во регионот, како на пример брза пруга помеѓу Будимпешта и Белград каде што проценетата вредност на километар изградена пруга изнесува 8.8 милиони евра, или на брзата пруга Загреб – Ријека, која е во фаза на планирање, каде што се проценува на 9.7 милиони евра по километар. Следствено на ова, ако се земе најниската цена од 8.8 милиони евра по километар пруга, тогаш за изградба на околу 200 километри од Табановце до Гевгелија изградбата би чинела 1.76 милијарди евра. Уште 200 милиони евра би требало да чини изработката на проектната документација, студиите, основниот проект, надзорот и експропријацијата.

Останати вести