Амбасадорката на САД, Кејт Брнз, рече дека во Македонија толку често се слуша зборот корупција што веќе стравува дека ќе го загуби и значењето.
– САД инвестираа многу во судскиот систем на Македонија за да дозволат вакви ранливи празнини и сакаат да видат таа нивна инвестиција во борбата против корупцијата да даде резултати, рече амбасадорката од Калето.
Според неа од корупцијата има долгорочни последици што ги ограничуваат шансите за успех на една земја и затоа мора да се бориме против неа. Граѓаните, оцени таа, чувствуваат дека не можат да успеат во нивниот систем заради корумпирани административци или коруптивни практики, а тоа ја нагризува суштината на општеството.
– Корупцијата има многу форми – не секогаш таа се сведува на стереотипот за земање мито во плико и не секогаш се случува на високите нивоа на власта. Слушаме пречесто од бизнисите овде во РС Македонија дека едноставни процеси, како добивање дозвола, се речиси невозможни бидејќите јавните службеници на првата линија очекуваат награда како возврат за тоа што си ја вршеле нивната работа. Знаеме исто така дека граѓаните некогаш немаат пристап дури ни до нивните сопствени граѓански евиденции без да платат нешто екстра. Ова е корупција, таа е погрешна и штетна. Таа не се појавува на насловните страници во медиумите но го попречува пристапот и инвестициите, така што тоа мора да се смени, рече Брнз.
Генерално таа оцени дека има напредок во транспарентноста и одговорноста во Македонија и дека тоа се гледа од фактот дека е 24 места погоре на листата на Транспаренси интернешенел, но се уште има значајна работа за завршување. Брнз се обрати на конференцијата во организација на Институт за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Лидерството за развој и интегритет во Југоисточна Европа (SELDI).