Бугарија и Грција напредуваат во меѓусебните преговори за изградба на заедничка нуклеарна централа, но тие преговори сè уште се во зародок, пишува „Еурактив“.
Идејата за заедничка нуклеарка да се гради во Бугарија прв ја објави бугарскиот вицепремиер и министер за финансии, Асен Василев, по враќањето од посетата на Грција на 22 февруари, каде што разговараше со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Атина и Софија ќе треба да чекаат најмалку една година за да се заврши експертската студија, а за тоа време бугарската владејачка коалиција ќе треба да ги договори позициите за изградба на централата.
Асен Василев вели дека нуклеарната централа треба да се гради исклучително бргу бидејќи има купувач за струја, со што се елиминира деловниот ризик. Но, експертите проценуваат дека не може да се изгради побрзо од минималниот рок од шест до осум години, а цената сè уште е недефинирана.
Проблемот е што Бугарија во сегашните околности не може да ги инсталира двата купени руски нуклеарни реактора. Нивното поставување не е можно без руско учество, а тоа е спречено поради војната во Украина и воведените санкции.
Економската студија на британската банка ХСБЦ, подготвена за проектот на втората нуклеарна централа во Бугарија во 2012 година, покажала цена од 10 милијарди евра. Бугарскиот министер за енергетика, Александар Николов, вели дека централата може бргу да се изгради само на постојната локација на нуклеарната централа „Козлодуј“.
Извори блиски до ова прашање за „Еурактив“ велат дека во Бугарија има сериозен проблем пред идниот договор со Грција: како да се реши прашањето за одговорноста за евентуални вонредни ситуации.