Бугарка вербално линчувана во Скопје” – вака софиските медиуми коментираат откако СДСМ обвини дека Данела Арсовска имала државјанство

“Бугарка вербално линчувана во Скопје“ – гласи насловот на бугарскиот весник „Труд“, по објавата на СДСМ дека Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, наводно поседува бугарско државјанство. “Дали е лошо да си Бугарин во Македонија? Од тонот и сугестиите на официјалната прес-конференција на владејачката партија СДСМ на Зоран Заев во Северна Македонија, тоа е лоша работа“, коментира “Труд“, посочувајќи дека пратеничката на СДСМ Славјанка Петрова „открива голема ’тајна’ – дека главната претендентка за кметската фотелја во Скопје, Данела Арсовска, има бугарско државјанство“.

Од СДСМ објавија фото-копии од наводната бугарска лична карта со име Даниела (наместо Данела) Арсовска, издадена во 2017, со адреса во Петрич, како и од нејзиното државјанство добиено во 2011 година.

Наводно и нејзиниот сопруг Ангел Арсовски има бугарско државјанство стекнато во 2010 и лична карта на истата адреса во Петрич.

Данела Арсовска демантираше дека имала бугарско државјанство.

– Немам бугарско државјанство. Немаше да се кандидирам доколу имав црни дамки. Зошто тоа го прават? Затоа што јас не бев ниту човекот ниту жената која што ги тераше да дадат изјава дека доколку го изгубат Скопје ќе ги изгубат и своите политички кариери и функции. Јас сум Данела Арсовска, крстена по дедо ми Дане и веројатно единствена во Македонија со тоа име. И јас своето име не го продадов, рече Данела Арсовска.

Таа објави дека ќе се откаже од статусот почесен конзул на Унгарија, како и од функцијата претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, за да ѝ се посвети на градоначалничката функција.

Останати вести