Девет лица се лишени од слобода во полициска акција поврзана со сомнежи за незаконско работење при наплата на операции на очи, во случај во кој се опфатени поранешни и сегашни функционери на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и претставници на приватна здравствена установа. Против вкупно 11 физички лица и приватната “Европска очна болница“ (лоцирана во скопски Ѓорче Петров) е поднесена кривична пријава, а сомнителните исплати, според наводите на истрагата, предизвикале штета од повеќе милиони евра. МВР спровело претреси на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и во Куманово. Судија на претходна постапка на барање на јавен обвинител им одреди мерки на претпазливост, одземање на пасошот и јавување во судот на вкупно 9 осомничени.
„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 11 физички лица, од кои еден албански државјанин и едно правно лице, и тоа: Д.Д.(60) од Скопје, О.Р.(66) од Тетово и С.Б.(59) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“, Р.А.(45) од Куманово за „несовесно работење во службата“, З.А.(35) од Скопје за „фалсификување или уништување деловни книги“, В.Ќ. (47) од Скопје, С.А.(40) од Скопје и Г.А.(33) од Р. Албанија за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „измама во службата“, Ц.С.(47) од Скопје, Ж.С.(58) од Скопје и И.П.(49) од Скопје за „несовесно работење во службата“ и против приватната здравствена установа од Скопје за „перење пари и други приноси од казниво дело“, соопшти полицијата.
Според пријавата, се работи за двојна наплата на здравствени услуги за пациенти, кои биле терани да плаќаат приватно за операции иако истите услуги биле фактурирани и кон Фондот.
Според наводите во кривичната пријава, двајца тогашни директори на ФЗО во 2020 година, заедно со претставник на приватната здравствена установа, склучиле договор спротивно на пропишаните постапки и интерните акти на Фондот. Претседателот на Управниот одбор се сомничи за неправилности при одобрувањето на договорот.
Врз основа на тој договор, според истрагата, преку внесување невистинити податоци во електронскиот систем на ФЗО и изготвување фактури со невистинита содржина, установата наплаќала исти здравствени услуги и од Фондот и од пациентите.
На пациентите, покрај законската партиципација, наводно им била наплаќана и полна цена за операциите. Притоа, според пријавата, не им било соопштено дека услугите биле наплатувани и од Фондот.
Во истрагата се опфатени и лица кои имале контролни и раководни функции во ФЗО.
Пријавениот директор на Секторот за контрола се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и го одложувал спроведувањето редовни контроли. Според сомнежите, на тој начин се избегнувало изрекување дополнителни договорни казни и можноста за раскинување на договорот со здравствената установа.
Две раководителки на Подрачната служба Скопје, пак, се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби. Како последица, според пријавата, исплатите кон установата продолжувале без претходно пребивање на долговите.
Токму овие наводи се меѓу клучните прашања што треба да ги расчисти истрагата: дали контролите биле спроведувани навреме, дали неправилностите биле евидентирани и дали со пропустите се овозможило продолжување на спорните исплати.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека самиот тој ја иницирал истрагата за незаконското работење и шемата со двојна наплата.
– Токму јас, додека бев директор на Фондот за здравство, ја иницирав истрагата бидејќи станува збор за здравствена установа која повеќе пати сторувала прекршоци, но не била казнувана. Значи, не е еднаш, двапати, трипати. Туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не била соодветно казнувана. Јас предложив на Комисијата за прекршоци, и таа прифати да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине ланецот на неказнивост. Истовремено побарав да се покрене истрага. МВР заедно со Секторот за контрола на Фондот за здравствено осигурување напорно работеше да се завршат сите работи. Беа вклучени и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за лекови и други установи, за од сите аспекти да се затвори истрагата. Им благодарам повторно на истрајноста на вработените во МВР и на завршената работа, рече Клековски.
Според кривичната пријава, буџетот на ФЗО бил оштетен за околу A$2.7 милиони, по исплати врз основа на фиктивни фактури.
Во пријавата се наведува и сомнеж дека во периодот од 2022 до 2025 година здравствената установа се стекнала со противправна имотна корист од околу A$6.75 милиони.
Според пријавата, средствата исплатени од ФЗО, за кои овластените лица во установата наводно знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесувани во платниот промет, евидентирани на различни сметководствени конта и користени за исплата на плати, набавки и други плаќања.
Според пријавата, со двојната наплата биле оштетени меѓу 3.000 и 4.000 лица.
Полицијата го приведе и сопственикот на здравствената групација „Санте плус”, Биљал Кара, за кого Албанија лани распиша потерница а тој без проблеми престојуваше во Македонија. Одземен му е пасошот.
Заедно со него е уапсена и албанската државјанка Гериана Арапи, поранешна директорка на „Европската очна болница“.
Групацијата „Санте плус“ е сопственик на „Европската очна болница“, а во Скопје има болници уште на три локации и таму нуди услуги од гинекологија и акушерство (плус ин витро), па преку интерна медицина, дерматовенерологија, радиологија, до оториноларингологија.
Кара во Албанија се бара поради сомнежи за злоупотреби направени преку приватната клиника „Интернешнл медикер“, поранешен дел од „Санте плус“, лоцирана во Албанија.
„Клиниката е блокирана откако наводно не пријавила профит во вредност од 1 милион евра. Исто така, за време на проверките, полицијата откри дека оваа клиника давала лекови кои биле со истечен рок или шверцувани производи. Исто така, кај пет вработени беше утврдено дека се неосигурани“, објавија лани албанските медиуми.
Инаку Биљал Кара пред три години беше именуван за почесен конзул на Македонија во Република Турција, со седиште во Измир.