Без зурли и тапани, но и без традиционалното оро во центарот на селото, на 13 јануари без ќеф се одржа Вевчанскиот карневал. Дефилето на маски се одржа но во некоја минимална форма, а ниту во угостителските објекти немаше музика.
Годинава оваа вековна традиција помина во траурна атмосфера поради загинувањето на 19-годишниот Милан Мукоски, син на екс-пратеникот Крсто Мукоски во сообраќајна несреќа. Момчето управувало со „ауди“ кога околу 1 часот по полноќ излетало од патот во близина на Подгорци. Починало на самото место.
„Во координација со општината и василичарските друштва од Горна и Долна мала се донесе одлука заради продолжување на традицијата да се оддржат традиционалните адети и поворката. Дефилето ќе се случи во предвиденото време, но со намален интензитет без музика и оро, со едноминутно молчење на централното случување“ – беше објавено на веб-страницата на Вевчанскиот карневал.
Поради оваа информација во Вевчани годинава немаше многу гости, ја почитуваа жалоста на вевчанци. Улиците беа речиси пусти а на карневалската поворка присуствуваа само оние кои не се информирале навреме.
Градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочоски, потврди дека поради овој трагичен настан тој го откажал забавниот дел од карневалот – концертот на кој требаше да настапат Наум Петрески и други фолк-пејачи.
– Вевчани го чека цела година овој ден, но, не на ваков начин. Никому не му е до забава и музика. Ние сме мало место, сите сме како една фамилија. Вакви немили настани нè потресуваат. Улиците на 13 јануари никогаш не биле во ваква состојба, рече Кочоски.
И министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, која требаше официјално да го отвори карневалот рече дека не го препознава Вевачни вакво и изрази жалење и сочувство до фамилијата на младото момче.
На 14 јануари, на Свети Василиј, вевчанци според традицијата одат во визити во семејствата каде го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари и ги палат маските за да злото не се повтори.





