Велешани ја избркаа Цецазашто се нагрна со бугарско знаме

Српската турбофолк ѕвезда Цеца на концерт во Велес предизвика скандал пред околу 5-илјадната публика во салата „Гемиџии“. Имено таа при настапот се нагрна со бугарско знаме (а во средината ликот на Цеца) што и беше фрлено на сцената од девојка во партерот. Штом публиката почна силно да ја исвиркува, пејачот и роден велешанец Мики Секуловски (кој настапуваше заедно со неа како придружен вокал) прво и дошепна на Цеца да го тргне знамето а потоа го презема и го фрли на земја. Следеше кус прекин на програмата поради негодувањата, а Секуловски се обидуваше да ги смири сограѓаните.
Но веќе немаше атмосфера за концертот а публиката не се смири иако Цеца го нагрна македонското знаме (кое го носеше и претходно за некои песни). Испратена со свирежи и извици „уа“ таа ја напушти сцената. Имаше извештаи дека дел од публиката револтирано си заминала од салата „Гемиџии“. Според полицијата за време и по концертот нема пријави за инциденти.
Поради бројните полемики и реакции Цеца по завршувањето на концертот се огласи на социјалните мрежи.
„Не е необично за мене да прифатам било какво знаме од мојата публика, бидејќи тоа е моја публика, мој народ, мои луѓе. Нè обединува љубовта кон песната, без разлика од каде доаѓа. Жал ми е ако тој чин повреди некого – навистина не ми беше намерата, особено не да ги повредам или навредам домаќините. Верувам дека го знаете тоа. Ви благодарам за прекрасната вечер, за прекрасната енергија, љубовта и спомените што ги создадовме заедно. Знаеме како се забавувавме, што беше убаво, а што не беше убаво на концертот што траеше два часа. Тоа е најважно. Нема да се занимаваме со реакциите на социјалните мрежи, бидејќи сите ние што бевме заедно во Велес таа вечер знаеме што навистина се случи. Ништо и никој не може да застане помеѓу мојата публика и мене”, порача Цеца.
Светлана Ражнатовиќ – Цеца е често во Македонија. Во изминатите неколку месеци настапувала во шест држави, но ниту еден настап не го надминал бројот на публика во Крива Паланка. Таму, според проценките, нејзините песни ги слушале рекордни 50.000 посетители – за трипати повеќе од кој било друг нејзин концерт минатово лето.
Инаку бугарско знаме или симболи во Велес не се ништо необично. Во центарот на градот има куќа на која од пред 4 години има насликано големо бугарско знаме (а уште едно се вее на оградата од балконот). Оваа куќа е веднаш до сцената на Питијадата во Велес, која се одржува со години кај зградата викана Панини (таму пред две-три седмици настапија Северина и Бајага).

Останати вести